Испит за вештаци

Кој може да полага стручен испит за вештак?
 
Стручен испит може да полага секое лице коe:
 
 
е државјанин на Република Македонија,
• има живеалиште во Република Македонија,
• има високо образование од соодветната област (диплома за завршено четиригодишно високо образование или диплома со 300 кредити според европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС)),
• со правосилна одлука не му е изречна забрана за вршење на професија, дејност или должност се додека траат последиците од забраната и
• има најмалку пет години работно искуство по дипломирањето во соодветната област. 
 
 
Кога може да се полага?
 
Стручиот испит се спроведува четири пати во текот на една календарска година и тоа во априлска, јунска, октомвриска и декемвриска испитна сесија.
Пријавувањето за испитот се врши во периодот од први до петнаесетти во месецот кој претходи на месецот кога се спроведува испитната сесија (1-15-ти февруари, 1-15 -ти мај, 1-15-ти септември и 1-15-ти декември).
 
Известувањето за полагање на стручниот испит за вештак се објавува на веб страната на Министерството за правда. Во предвидениот рок од 15 дена од денот на објавувањето кандидатот може да поднесе барање за полагање на стручен испит за вештак до Министерството за правда. Заедно со барањето за полагање на испитот кандидатот е должен да достави и докази за исполнување на условите за полагање на стручниот испит.
 
Кандидатите на кои им е одобрено барањето за полагање на испитот се информираат за датумот и времето на полагање на испитот, најмалку осум дена пред одржување на испитот преку веб страната на Министерството за правда, 
 
 
 
Колку изнесуваат трошоците за полагање на стручниот испит за вештак?
 
Трошоците за полагање на испитот ги сноси кандидатот. Висината на надоместокот за полагање на испитот изнесува 9,000. денари.
Трошоците за полагање на испитот се уплатуваат на сметката на сопствени приходи на Министерството за правда.
 
Ако трошоците не се уплатени на соодветна сметката на Министерството за правда  (види подолу),  најдоцна 15 дена пред денот определен за спроведување на испитот,  на кандидатот не му се дозволува полагање на испитот.
 
Ако кандидатот во рок од една година од денот на уплатата на средствата не го полага испитот, уплатените средства се враќаат на кандидатот.
 
***************************************************************
Уплатницa на образец ПП/50 со следните податоци:
Цел на дознака: полагање на стручен испит за вештак. 
Назив на примачот: Министерството за правда 
Банка на примачот: Народна банка на РМ 
Уплатницата на жиро сметка: 100000000063095 
Износ: 9.000,00 денари 
Сметка на буџетски корисник: 070010014063112 
Приходна шифра и програма: 723013-10 
****************************************************************
 
 
 
Начин на полагање?
 
Стручниот испит се полага во два дела и тоа:
 
- прв  (теоретски) дел, со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите  и
 
- втор  дел (практичен пример), со кој се проверува практичната способност на кандидатите.
 
 
Првиот дел од испитот се полага со одговарање на 50 прашања со пет опции за заокружување од секоја соодветна област и се полага електронски во траење од 120 минути. Кандидатот го положил првиот дел од испитот ако освоил најмалку 35 поени од вкупно 50 поени.
Ако кандидатот го положи првиот дел од испитот му се овозможува  полагање на вториот дел од испитот. Вториот дел се полага во рок од најмалку 15 дена по успешното полагање на првиот дел.
 
Вториот дел од испитот се состои од проучување на еден практичен пример во вид на електронски практичен пример во траење од 120 минути. Практичниот пример содржи  шест прашања, при што секое од прашањата има десет можни опции на одговор. Кандидатот го положил вториот дел од испитот ако точно одговрил најмалку 5 прашања од вкупно 6 прашања по решавањето на  практичниот пример.
 
На кандидатот кој го положил стручниот испит му се издава уверение за положен испит во рок од 15 дена од денот на завршувањето  на вториот дел од испитот.
 
Каде се објавуваат резултатите од испитот ?
 
Резултатите од полагањето на првиот и вториот дел од испитот му се достапни на кандидатот на компјутерот на кој го полагал испитот, веднаш по неговото завршување.
 
 
 
Подготовка за полагање на стручен испит!
 
Прашањата за првиот дел (теоретски дел) и вториот дел (практичен пример)  од испитот се јавно достапни на веб страницата http://prasanja.mk 
 
Прашања на првиот и вториот дел од испитот се изготвени врз основа на програма во која се содржани градивото, прописите и литературата. Програмата од соодветна област е јавно достапна на веб страницата на Министерство за правда.
 
 
Што по положениот испит?
 
Лицето кое положило стручниот испит, доколку сака до Министерството за правда може да поднесе барање за издавање на лиценца за вештачење.
 
Заедно со барањето за стекнување со лиценца за вешто лице се приложува и:
 
-доказ за положен стручен испит (копија од Уверение за положен испит);
- потврда дека со правосилна одлука не им е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност; 
- копија од лична карта.
 
Лицaта кои се стекнуваат со лиценца за вештачење од соодветна област се должни да се осигураат од одговорност на штета која може да ја причинат при вршење на вештачењето спрема нарачателот или трето лице.
 
Најнискиот износ на осигурување од одговорност на штета изнесува 20.000 евра во денарска противвредност за друштво за вештачење, орган на државната управа и установа, 3.000 евра во денарска противвредност за трговец поединец - вештак и 500 евра во денарска противвредност за занаетчии.