СЕКТОР ЗА МЕЃУНАРОДНА ПРАВНА СОРАБОТКА

 

Овој сектор, како дел од своите многубројни надлежности го следи и меѓународно-правниот поредок и подготвува предлози за поведување на постапка за потпишување и ратификација на меѓународно-правни инструменти од областите во кои Министерството за правда  има примарна надлежност, со претходна анализа на законската регулатива на РМ.
 
На овој начин секторот за Меѓународна правна соработка  допринесува во процесот на хармонизација на домашното законодавство со стандардите на ЕУ и меѓународниот правен поредок, при што крајниот ефект на усогласеност се постигнува со  поведување на постапка за соодветни измени и дополнувања на законите во РМ. Сепак, измените и дополнувањата на домашните закони не се прават по секоја цена. Постојат определени специфичности на домашниот правен поредок кои се дел од традицијата на земјата и како правни институти кои добро функционираат се длабоко вкоренети во свеста на нацијата.  Затоа, онаму каде е тоа можно, се користи правото на соодветни резерви, изјави, декларации, кои РМ ги става на меѓународните инструменти кои ги ратификува.
 
Во текот на многугодишното работење во оваа област  секторот за Меѓународна правна соработка се разви од носител на првите „пионерски“ ратификации кои РМ ги направи на почетокот на своето суверено постоење до  исклучителен тим на практичари  секогаш фокусирани  кон постигнување правна совршеност во постапките за ратификација кои секторот ги покренува.