Министерот за правда Blerim Bexheti се обрати на Панел дискусијата по однос на извештајот на ЕК  
     
 

06.03.2013

 
 

Министерот за правда Blerim Bexheti денеска на Државниот универзитет во Тетово имаше свое обраќање на Панел дискусијата во однос на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2012 година и реформите на македонските судови и правдата.

Во обраќањето, Bexheti истакна дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012 година, објавен во октомври 2012,  дава реален приказ на постигнатото во таа година и претставува основа за натамошно дефинирање на идните цели и активности. Според зборовите на министерот, Европската комисија во делот на извештајот посветен на правосудство и фундаментални права, во поглавјето 23, нотира дека Република Македонија ги исполнува политичките критериуми.

„Европската комисија нотира дека е постигнат напредок во однос на независноста и непристрасноста на судството, како и законодавната и институционалната заштита, континуирано функционирање на главните судски тела за обезбедување на независност, непристрасност, одговорност и професионалност на судството“, посочи министерот.

Во однос на ефикасноста на судскиот систем, Европската комисија има забележано напредок преку намалувањето на бројот на нерешени предмети во судскиот систем. Ова се должи на значителниот број на извршни предмети кои се пренесени од судовите како резултат на трансферот на надлежности на професионалните нотари и извршители.

Понатаму во извештајот, во областа на Антикорупциската политика, Европската комисија констатира дека е воспоставена законска рамка, преку измени во Законот за финансирање на политичките партии и Законот за спречување на судир на интереси, со што се подобрува верификација и извршните овластувања на надлежните органи.

Bexheti објасни дека во врска со фундаменталните права, Европската комисија напишала за одреден напредок во областа на слободата на изразување, особено во делот на декриминализација на клеветата, за која што Министерството за правда го изготви, а Владата на Република Македонија го усвои предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој беше насочен кон усогласување со релевантните принципи на ЕСЧП. Забележани беа и спроведените обуки за судството во врска со член 10 од Европската конвенција за човекови права и извршените преводи на клучните пресуди на Европскиот суд за човекови права.

Понатаму во извештајот стои и дека правната и институционалната рамка за човекови права е во голема мерка обезбедена, а граѓанските и политичките права широко се применуваат.

На крајот на своето излагање, министерот за правда изјави дека и во иднина ќе продолжи посветено да работи на унапредување и спроведување на евро-интегративните процеси, имајќи ги предвид приоритетите кои се дел од Претпристапниот дијалог на високо ниво воспоставен помеѓу Европската унија и Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk