Македонија и Босна и Херцеговина потпишаа три договори од областа на правосудството  
     
 

12.03.2013

 
 

Министрите за правда на Република Македонија и на Босна и Херцеговина, Blerim Bexheti и Бариша Чолак, денеска во Скопје потпишаа договори за изменување и дополнување на три договори од правосудната област. Станува збор за договорите за изменување и дополнување на Договорот за правна помош во граѓанските и кривичните предмети, на Договорот за меѓусебно извршување судски одлуки во кривичните дела и на Договорот за екстрадиција.

Потребата од измените и дополнувањата на овие три договори, како што рече министерот Bexheti, се укажа поради новите видови правна помош од областа на кривичното и граѓанското право. Bexheti посочи и дека во досегашната пракса при примената на Договорот за правна помош во граѓанските и кривичните предмети немало проблеми меѓу двете држави кои се обврзаа за пружање правна помош во овие предмети, гарантирајќи еднакви права и слободен пристап на граѓаните пред судовите.

„Со текот на времето се воочи потребата за унапредување на соработката во поглед на директна комуникација на надлежните органи на двете држави кои се поврзани со давање на податоци од кривичната евиденција, како и можност за упис на основните лични податоци за државјаните во соодветните матични книги, но и за формирање на заеднички истражни тимови за преземање на истражни дејствија, особено за потешки облици криминал“, истакна Bexheti.

Во пракса, Договорот за меѓусебно извршување судски одлуки во кривичните дела, според Bexheti,  покажал одредени недостатоци во ситуација кога осуденото лице ќе ја напушти државата која му ја изрекла кривичната санкција и ќе замине во државата каде што е државјанин или каде има постојано живеалиште, со што ќе го избегне давањето согласност за извршување на изречената кривична санкција. „Со измените се предвидува дадената согласност на осуденото лице да е неотповиклива“, појасни тој.

Македонија во постапките по предметите за екстрадиција, покрај билатералниот договор со Босна и Херцеговина, постапува согласно одредбите од Европската конвенција за екстрадиција со два дополнителни протоколи.

Договорот за изменување и дополнување на Договорот за екстрадиција меѓу Македонија и БиХ, како што појасни Bexheti, е значаен не само за двете држави и граѓаните, туку и за регионот, бидејќи со него ќе се овозможи поефикасна борба против криминалот.

„Договорот го стеснува просторот за криминалците кои со нивните криминални активности повеќе нема да можат да се заштитат со државјанството, ниту пак ќе бидат заштитени од своите национални законодавства“, додаде министерот Bexheti.

Босанскиот министер за правда посочи дека потпишувањето на договорите за изменување и дополнување на трите договори ќе придонесе за уште подобра соработка меѓу правосудните органи на двете земји во корист на граѓаните.

„На овој начин покажуваме дека сакаме да ги следиме европските стандарди не само поради нив, туку пред сѐ, за доброто на нашите граѓани“, рече министерот Чолак.

Тој изрази уверување дека потпишувањето на овие договори ќе придонесе кон намалување на  организираниот криминал што е заедничка цел на двете држави.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk