Состанок на Меѓуресорската комисија на Европскиот суд за човекови права  
     
 

13.03.2013

 
 

 (МИА) - Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права на денешниот состанок го разгледува статусот на извршување на заклучоците од првата седница на Комисијата, што се однесуваа на мерки кои треба да се преземат од страна на државните органи со цел извршување на пресудите на ЕСЧП.

Министерот за правда Blerim Bexheti  пред состанокот изјави дека на дневен ред пред членовите на Комисијата е пресудата за случајот „Ел Масри“ и оти од денешната дебата треба да произлезат одредени мерки со цел да се испочитуваат правилата на Советот на Европа.

Директорот на Бирото за застапување на Македонија пред Европскиот суд за човекови права Костадин Богданов рече дека согласно правилата на Советот на Европа Република Македонија има должност да ја изврши пресудата, односно да преземе мерки за нејзино извршување.

- Покрај исплатата на паричните средства кои му беа досудени на апликантот треба да се преземат и други мерки во насока на извршување, рече Богданов.

Тој појасни дека Стразбур не предлага мерки, туку им остава на самите држави да ги дефинираат мерките кои треба да ги преземат и дека токму од тие причини е формирана оваа Меѓуресорска комисија за да ги дефинира конкретни мерки во насока на нивна целосна имплементација.

- Под индивидуални мерки се подразбира да се доведе апликантот во состојба во која бил претходно или да се репарира на некој начин, а под општи мерки се подразбираат мерки кои се преземат за да не се повтори истата или слична ситуација, додаде Богданов.

Во пресудата од Судот за случајот  „Ел Масри против Македонија“ објавена на 13 декември минатата година беше утврдена повреда по членот 3, член 5, член 8 и член 13 од Конвенцијата за човекови права и истовремено Македонија беше задолжена да плати 60.000 евра на име оштета на апликантот.

Калед ел Масри поднесе тужба против Македонија во Стразбур на 20 јули 2009 година, во која се жали дека бил прекршен членот 3 од Европската конвенција за човекови права, со кој се забранува нечовечко и понижувачко однесување, членот 5 (правото на слобода и сигурност, членот 8 право на приватен и семеен живот, како и членот 13 право на правично судење, како и членот 10 (слобода на изразување) бидејќи не бил информиран дали бил изложен на тајната програма за трансфер на лица на американските тајни служби. Судот ги прифати сите аргументи на адвокатите на Ел Масри, освен тие по членот 10.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk