Министерот за правда Blerim Bexheti се обрати на завршната конференција на ,,Проект за македонската судска пракса“  
     
 

29.03.2013

 
 

На конференција денеска во Скопје се одбележа завршувањето на тригодишниот „Проект за македонската судска пракса“, во чии рамки се издаде публикација која содржи 20 нови преведени пресуди на Европскиот суд за човекови права. При своето обраќање на конференцијата, министерот за правда Blerim Bexheti  посочи дека со реализацијата на овој проект поддржан од Кралството Холандија значително ќе се унапреди судската пракса во Македонија, што директно ќе придонесе за зголемување на квалитетот на донесените судски одлуки, како и на целокупниот законодавен процес на  правничкото образование.

„Во контекст на судската пракса, а во насока на зголемувањето на транспарентноста на правосудните институции, на интернет страниците на судовите континуирано се врши објавување на анонимизирани судски одлуки и пресуди до кои граѓаните имаат пристап во секое време“, истакна министерот Bexheti. Досега на веб-страниците на судовите се објавени повеќе од 143 илјади пресуди и одлуки.

„Дополнитено, судовите имаат ЛДБИС на располагање, поточно база на закони која континуирано се пополнува со новите правни прописи. Досега, во оваа база се внесени повеќе од 27 илјади закони, подзаконски акти, меѓународни договори и прописи“, објасни Bexheti.

Проект менаџерот од Центарот за меѓународна правна соработка (ЦИЛЦ) од Кралството Холандија, Лино Бросиус, рече дека проектот имал за цел да го подигне нивото на транспарентност и правна сигурност во Република Македонија. „Главниот успех на овој проект беше тоа што ги соединивме македонските и холандските правни стручњаци на ова поле“, рече Бросиус.

Резултатите од спроведените активности во рамките на Проектот ги презентираше Бросиус, а претседателката на Врховниот суд на Република Македонија, Лидија Неделкова, официјално ја презентираше организациската струкутра на дата базата за судската пракса, чија имплементација беше опфатена со овој проект.

Целиот проект беше спроведен од страна на Академијата за судии и јавни обвинители во соработка со домашни партнери, а со целосна поддршка на Центарот за меѓународна правна соработка (ЦИЛЦ) од Холандија преку програмата МАТРА на холандското МНР и амбасадата на Холандија во Македонија.

„Ова е најдолгиот проект во македонското правосудство досега. Тој се состоеше од организирање на обуки, работилници, семинари и студиски посети“, рече директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска.

Како најзначаен резултат од проектот, Арнаудовска го посочи преводот и издавањето на публикацијата во два тома која содржи 20 нови пресуди на Европскиот суд за човекови права  и која ќе игра значајна улога во понатамошната обука на македонските судии и обвинители.

„Значаен резултат е и формирањето на веб-страната на Врховниот суд на Република Македонија, каде што ќе бидат објавувани судските пракси на апелациските судови како вовед за подобра унификација и хармонизирање на судската пракса на ниво на цела Македонија, и со цел за зголемување на правната сигурност и еднаквосата на граѓаните пред законот“, истакна Арнаудовска.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk