Министерот Blerim Bexheti учествуваше на пролетното Стручно советување на Нотарската комора на Република Македонија  
     
 

22.04.2013

 
 

Министерот за правда, Blerim Bexheti, денеска се обрати на Стручното советување  на Нотарската комора на Република Македонија кое се одржува во Охрид. При своето обраќање, тој рече дека Министерството за правда и натаму ќе го поддржува развојот на нотаријатот, во функција на постигнување уште поголема ефикасност и остварувањето на правата, слободите и интересите на граѓаните во правниот промет, бидејќи функцијата што секојдневно ја вршат сите нотари, како и нивната примена на законските прописи, е од исклучителна важност.

Поаѓајки од цврстата определба на Република Македонија за целосна интеграција во европските структури свесни сме за големото значење и улогата на нотаријатот како сегмент коj има огромно општествено значење и елементарна функција во изградбата на правната држава.“, нагласи Bexheti. „За таа цел, Министерството за правда посветува големо внимание на унапредување на нотарската служба, особено при подготовката на законите каде што се настојува судовите да се растеретат од вонсудските предмети. Во таа насока беше и донесувањето на Законот за вонпарнична постапка, со кој што им се овозможи на нотарите да постапуваат како повереници на судот во однос на оставинските предмети. Дополнително, со измените и дополнувањата на Законот за извршување, донесувањето на решенија врз основа на веродостојни исправи, се пренесе во надлежност на нотарите“, рече Bexheti.

Bexheti продолжи со објаснувањето дека последниот чекор во оваа насока е доделувањето на правото и обрската на нотарите, согласно Законот за задолжница, да ја составуваат и заверуваат задолжницата како потврдена приватна исправа. Со овој документ, должникот дава согласност побарувањето на доверителот назначено во задолжницата, присилно да се наплати од сите расположливи средства на должникот кај носителите на платниот промет.

Посакувајќи им успешна работа на нотарите, министерот Bexheti нагласи дека за развојот на нотаријатот придонесува токму организирањето на вакви стручни советувања. Како особено важно го истакна отворањето на темата за професионалната одговорност на нотарите, со оглед на тоа што нотарот е должен пред запонувањето со работата да се осигура од одговорност за штета и истото уредно да го продожува, имајќи предвид дека самиот нотар е одговорен за штетата сторена при вршењето на службата предизвикана спрема странката или спрема трето лице, без разлика дали намерно или од небрежност.

На крај, министерот Bexheti изрази надеж дека Министерството за правда и Нотарската комора на Република Македонија и понатаму успешно ќе соработуваат во насока на развој на нотаријатот како значен сегмент во правниот систем.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk