Министерот Bexheti присуствуваше на примопредавањето на донација на Основниот суд Гостивар  
     
 

20.05.2013

 
 

         Денеска, во присуство на министерот за правда Blerim Bexheti и претседателката на Судскиот совет на Република Македонија, Александра Зафировска, на Основнот суд во Гостивар му беше донирана опрема вредна 30 илјади евра. Поздравувајќи ги присутните, министерот Блерим Беџети изрази задоволство за реализацијата на договорените активности во рамките на соработката со Турската агенција за соработка и координација - ТИКА.

„Ова е само продолжување на успешната соработка што досега ја имавме со Владата на Република Турција“, нагласи Беџети. „Имено, Турската агенција за соработка и координација изминатиов период даде поддршка и во јакнење на капацитетите и во Основниот суд во Тетово. Денеска се реализира донацијата на компјутерска опрема во Основниот суд Гостивар, а веќе за два дена ваква донација ќе биде остварена и во Апелациониот суд во Скопје“.

Беџети додаде дека основните приоритети во евро-интеграциските процеси на  Република Македонија се јакнењето на независноста и зголемувањето на ефикасноста на судството, бидејќи на тој начин правосудните институции ја имаат главната улога во остварувањето на правдата и претставуваат основна гаранција за правата и слободите на граѓаните. Дополнително, тој додаде дека креирањето и создавањето услови за нивно успешно работење, согласно европските стандарди, е приоритет на Владата на Република Македонија.

Министерот за правда посебно ги истакна и напорите на Владата на Република Македонија за обезбедување соодветни услови за работа во сите судови во Република Македонија и изрази  уверување дека рефромските активности во областа на правосудството ќе се интензивират во сите негови сегменти. Претседателот на Основен суд Гостивар, Ќирко Михајловски, изјави дека со оваа опрема која се состои од компјутери, печатачи и скенери, судот значително ќе се модернизира.

Махут Чевик, координаторот на Турската агенција за соработка (ТИКА) која ја донираше опремата, по овој повод рече дека правдата значи цивилизација и затоа и понатаму ќе продолжат да ги помагаат палатите на правдата со донации. Зборови на благодарност искажа и претседателката на Судскиот совет Александра Зафировска.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk