Министерот Bexheti се обрати на Семинарот на извршители во Драч, Република Албанија  
     
 

31.05.2013

 
 

Во рамките на Семинарот на извршители кој се одржува во Драч, Република Албанија, денеска Комората на извршители на Република Македонија и Комората на извршители на Република Албанија потпишаа Меморандум за соработка. На потпишувањето на Меморандумот  беа  присутни министерот за правда на Република Македонија  Blerim Bexheti и министерот за правда на Република Албанија Едуард Халими. Министерот Bexheti позитивно го оцени потпишувањето на  меморандумот и додаде дека, со овој чин  ќе се продлабочува  регионалната соработка во иднина.

„Потпишувањето на овој Меморандум сведочи за соработката која ја имаме ние како две министерства и како регионална власт. Ова е уште една иницијатива за меѓуресорска соработка помеѓу Македонија и Албанија. Ние сме тука за да ги подржуваме двете Комори на извршители во нивното ангажирање и професионалното работење. Овој меморандум подразбира и неопходна размена на искуствата  меѓу  двете земји“, изјави Министерот за правда Blerim Bexheti.

Министерот за правда Blerim Bexheti, се обрати пред присутните и ја поздрави оваа иницијатива за соработка помеѓу Коморите на извршители на двете соседни  држави. Тој им посака добра понатамошна соработка на двете комори и професионален успех со надеж дека работата на еден извршител ќе се извршува совесно, чесно и одговорно, во рамките на Уставот и законите, со што ќе се зголеми правната сигурност во државата и ќе се осигура владеење на правото.

„Со Законот за извршување, за да се дојде до поефикасно извршување, се напушти системот на судското извршување и беше воведена  функцијата извршители, поточно лица именувани од министерот за правда, кои вршат јавни овластувања, за подрачјето на одреден суд“, објасни Bexheti.

„Од досегашната примена на Законот за извршување може да се констатира дека системот за извршување на извршните исправи, кој е воспоставен со Законот за извршување, добро функционира и дава позитивни резултати. Процентот на реализација е зголемен во однос на реализацијата на извршување од страна на судовите, а времетраењето на процесот е повеќекратно намален. Извршените анализи за времетраењето на извршувањето на предметите укажуваат дека 58% од извршните предмети се завршени во период од само 3 месеци по поднесувањето на барањето за извршување, што укажува на фактот дека во Република Македонија постои ефикасен систем на извршување“, додаде Bexheti.

При анализа на постигнатите резултати од шестгодишната работа на извршителите, произлегува заклучок дека тоа е период во кој извршителите со својот професионализам и својата компетентност, докажаа дека се во состојба да ги заштитат интересите на граѓаните и правните лица, применувајќи ги законските норми, со што ја гарантираа правната сигурност.

Од почетните 41 извршител кои во 2006 година, започнаа со примената на новиот систем на извршување, во моментов во Република Македонија се именувани 97 извршители. Во канцелариите на  овие извршителите во Република Македонија, се вработени над 400 лица, што е за 61 лице повеќе од претходната година.

Министерството за правда освен тоа што врши надзор над работењето на извршителите, тоа постојано соработува со Комората на извршители во правец на разрешување на проблеми со кои се соочуваат извршителите при примената на Законот за извршување.  Соработката е евидентна преку учеството на претставници на Комората на извршители на Република Македонија во работните групи за изменување и дополнување на Законот за извршување во смисла на подобрување на законските решенија, како и преку постојани консултации за решавање на проблеми при вршењето на извршителската должност.

Bexheti на крајот го истакна општото задоволство од добрата соработка на Министерството за правда со Комората на извршители, и ја потенцира меѓусебната доверба во намерите за создавање на подобар систем за извршување.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk