Маневски: Судскиот совет даде согласност за притвор на претседателот на Основниот суд во Кочани  
     
 

09.03.2007

 
 

Судскиот совет на вчерашната седница даде согласност за определување мерка притвор на претседатлот на Основниот суд во Кочани Зоран Трајанов, изјави денеска министерот за правда Михајло Маневски по завршувањето на седницата на собраниската Законодавно-правна комисија.

- На вчерашната седница Судскиот совет се согласи со определување на мерката притвор за претседателот на Основниот суд во Кочани, со оглед на барањето што беше проследено од Основниот суд од Штип, кој ја води постапката против него, истакна Маневски.

Донесената одлука на Судскиот совет и евентуалната жалба, како што посочи, не го одложува извршувањето на решението.

Зоран Трајанов, претседателот на кочанскиот Основен суд од ноќеска е во притвор. Истражниот судија му одреди 30-дневен притвор по повеќечасовниот полициски распит.

Трајанов се товари за потешка злоупотреба на службената должност и овластување, за случајот продажба на бензинска пумпа „Екоил“. Тој како судија експресно пресудил во корист на кочанчанец, кој преку матна зделка со бугарска фирма, станал сопственик на капиталниот објект за кој никогаш не ја уплатил купопродажната цена.

На прашањето дали судиите на Апелацискиот суд ќе се најдат под лупата на Судскиот совет за случајот „Бачило“, министерот Маневски одговори дека со разрешувањето на судијката Снежана Попчевска која постапуваше по овој случај Советот е на мислење дека одговорност треба да сносат и судии кои учествувале во постапката. - Доколку биде утврдена, одговорност ќе сносат и судиите кои постапувале во второстепената постапка, додаде министерот за правда Михајло Маневски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk