Министерот bexheti ги поздрави учесниците на Основачкото собрание на Комората на вештаци  
     
 

13.06.2013

 
 

За време на Основачкото собрание на Комората на вештаци, при своето обраќање кон присутните министерот за правда, Blerim Bexheti, истакна дека ова ново професионално здружување ќе ги обедини вештаците во Македонија кон заштита и унапредување на стручноста на професијата, артикулирање на етичките должности и права и дополнително, ќе се грижи за заштита на вештаците.

„Комората ќе има обврска да го чува угледот и честа на процесот на вештачење, да го подобрува неговиот квалитет и да внимава вештаците да ги вршат своите должности совесно и во согласност со сите законски прописи и акти релевантни за процесот на вештачење“, потенцираше Bexheti.

„Водејќи се од заложбата да обезбедиме и гарантираме поквалитетно извршување на оваа дејност, го донесовме Законот за вештачење кој е прв закон од овој вид, со кој на уникатен начин е уредена материјата за вештачење. Со овие законски одредби се определивме за стручност и компетентност, при што особено внимание посветивме на научните, стручните, етичките и моралните вредности и квалитети при вршење на вештачењата“, додаде министерот за правда.

Тој понатаму зборуваше за тоа како вештачењето како доказно средство во голема мера помага за правилно утврдување на фактичката состојба во судските постапки и за тоа како добро поткрепено вештачење може да даде значаен придонес во донесувањето на законити и квалитетни судски пресуди.

Bexheti посебно истакна и дека е од исклучителна важност лицата кои ќе вршат вештачење да поседуваат стручни и морални квалитети, бидејќи многу често крајниот исход на постапките кои се водат против граѓаните зависат од наодите и мислењето на вештакот. Ова квалитети се неопходни од аспект на заштита на граѓански права поради фактот што пред уредувањето на Законот за вештачење, немаше доволно ефектна и ефикасна заштита од несовесни вештаци, кои би ја злоупотребиле нивната работна позиција. 

Министерството за правда, согласно законските надлежности во периодот од влегување во сила на Законот за вештачење до денес, има изготвено лиценци за вештачење за повеќе од педесет различни области. Причината за ова е потребата за сеопфатно покривање на бројни области за кои во секојдневната пракса може да произлезе потреба за стручно и квалитетно вештачење од компетентни лица.

Bexheti потенцираше дека покрај пропишаните законски одредби, значајна улога во јакнењето на одговорноста на вештаците ќе заземе и Комората, најмногу во функција на остварување на правата на граѓаните и обезбедување на праведност во судските постапки. Комората ќе биде носител и на понатамошниот професионален развој на вештачењето во Република Македонија. Таа ќе има обврска да спроведува задолжителни континуирани обуки за стручно усовршување на вештаците, кое ќе овозможи проширување на теоретските и практичните знаења и вештини, што ќе придонесе кон постручно и поефикасно вршење на вештачењето. Од друга страна ова ќе изискува постоење на контролни механизми, како и соодветни санкции и одговорност за вештаците кои нема да се придржуваат кон законските обврски.

Посакувајќи им успех во работата, Bexheti најави и објавување на Регистар на вештаци во Службен весник, како и на веб страната на Министерството за правда. Регистарот ќе биде достапен за сите судови и другите надлежни институции во Република Македонија и ќе претставува клучен сегмент со кој ќе се заокружи имплементацијата на Законот за вештачење и ќе се овозможи негова целосна функционалност во пракса.

Во остатокот од основачкото собрание на Комората на вештаци, за претседател на Комората беше избран Васе Доневски.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk