Одбележана 15 годишнината од основањето на нотаријатот во Македонија  
     
 

14.06.2013

 
 

„Воведувањето на нотаријатот придонесе за растоварување на судовите и управните органи, а граѓаните побрзо поедноставно и поквалитетно ги остваруваат своите права. Позитивните резултати од неговото воведување во правниот живот ја зголеми довербата и даде силен импулс за продлабочување на реформскиот  процес во правосудниот систем, преку зголемување на надлежноста на нотарите“, ова го истакна министерот за правда Blerim Bexheti   на свеченото одбележување на 15-годишнината од основањето на нотаријатот во Македонија.

Нотаријатот е воведен со Законот за вршење на нотарски работи од 1996 година, а отпочна да се применува од 1997 година. Во 1998 година беше формирана Нотарската комора на Република Македонија, а во 2001 година, таа стана членка на Меѓународната унија на латинскиот нотаријат. Во Македонија денеска има 176 нотари организирани во Нотарска комора.

„Донесувањето на Законот за вонпарнична постапка им овозможи на нотарите да постапуваат како повереници на судот во однос на оставинските предмети кои не се спорни, со што нотарите покажаа голема успешност во решените оставински предмети. Согласно Законот за извршување, платните налози, односно донесувањето на решенијата со кои се дозволува извршување врз основа на веродостојни исправи, исто така е во нивна надлежност“, рече министерот Bexheti во своето обраќање на свеченоста.

Тој посочи дека најнова надлежност што ја добија нотарите, согласно Законот за задолжница е да ја составуваат и заверуваат задолжницата како инструмент за доброволно  обезбедување на наплатата на побарувањата.

„Значајно е да се напомене и електронското поврзување на нотарите со е-шалтерот на Агенцијата за катастар на недвижности преку кој е овозможен пристап по електронски пат на нотарите за достави на пријави за промена на геодетско-катастарскиот информативен систем, како и можноста да се издаваат имотни листови“, потенцира Bexheti.

Министерот вети дека и во иднина Министерството за правда ќе ја продложи, како што рече, одличната соработка со Нотарската комора во насока на јакнење на стручниот, моралниот и професионалниот однос на нотарите и обезбедување квалитетна и ефикасна нотарска служба.

Почесниот претседател на Меѓународната унија на латинскиот нотаријат, Хелмут Феслер порача дека на Македонија не и било лесно да го воведе латинскиот нотаријат бидејќи произлегла од држава во која тој не функционираше.

„Секогаш и секаде ќе има спротивставување на нашата професија и тоа многу често од редовите на правната професија, но и од политиката и меѓународните институции. Тоа е така заради слободата што ја нудиме“, рече Феслер.

Претседателката на Нотарската комора Зорица Пулејкова ги потенцира успесите на службата во изминатите 15 години: „Со пренесувањето на неспорните судски предмети во надлежност на нотарите се овзможи не само растоварување на судовите, туку и поголема ефикасност и функционалност во решавањето на оставинските предмети и во донесувањето решенија со кои се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа. Сето ова укажува дека денешната работа на нотарите позитивно се одрази врз целокупното функционирање на правниот систем на државата“, рече Пулејкова.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk