Промоција на проектот: „Јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица“  
     
 

14.06.2013

 
 

Македонија со финансиска помош од Европската унија, во наредните две години ќе ги подобрува капацитетите на надлежните институции за заштита и почитување на човековите права на осудените и притворени лица и откривање на случаите на тортура и понижувачко постапување.

Проектот „Јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица“ ќе се реализира во рамки на Програмата ИПА 2009, компонента 1 - транзициона помош и институционална надградба, кој треба да заврши до 30 ноември 2014 година. За негова реализација се предвидени 2,1 милион евра од кои 1,8 милиони евра од ЕУ, 100.000 евра од Советот на Европа и 200.000 евра од буџетот на Република Македонија.

Главните цели на проектот што ќе се изведува во организациските единици на министерствата за внатрешни работи и за правда се развој на професионалните капацитети на полицијата за гарантирање на целосно почитување на фундаменталните човекови права преку ефикасна и сигурна регулација, како и јакнење на организационите и управувачки капацитети на затворскиот систем со обезбедување на целосна заштита на човековите права во лекување на притворените и осудените лица.

Министерот за правда Blerim Bexheti рече дека поддршката од ЕУ дава поттик да се спроведат реформите во делот на правосудството во Македонија, реформи кои се многу значајни за евроатланската перспектива на земјава. Министерот додаде и дека: „постојното подобрување на заштитата на човековите права и понатаму ќе остане примарен приоритет за Република Македонија и во годините што следат. Преку проектот пак, ќе се обезбеди поддршка во изработката на националната стратегија за пенитенцијарниот систем, ревизија на Стратегијата за здравствена заштита и подобрување на здравствената заштита во затворите, како и на управувањето со затворите и третманот на ранливите групи затовреници“.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на презентацијата на проектот истакна дека за Република Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, почитувањето на основните човекови права и слободи од страна на сите институции, вклучително и од Министерството за внатрешни работи, се од суштинска важност при исполнување на европските стандарди и усогласување и имплементирање на европското право во секојдневното полициско работење. Почитувањето на човековите права и слободи беше и останува осоновен принцип на секојдневното работење на Министерството.

Евроамбасадорот Аиво Орав пак од своја страна изрази уверување дека проектот ќе придонесе за подобрување на состојбите во Македонија и додаде дека поддршката од ЕУ ќе продолжи и во периодот што следи.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk