Извештај од регионалната тркалезна маса  
     
 

24.02.2007

 
 

„ЗАЕДНИЧКИ СТАНДАРДИ ПОМЕЃУ СИСТЕМИТЕ НА ИЗВРШУВАЊЕ КАЈ ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ НА ЕУ„

одржана во Скопје во периодот 21-23 Февруари 2007 година

  Во Организација на Регионалниот проект на КАРДС „Востановување на независно, сигурно и функционално судство и зајакнување на судската соработка помеѓу земјите на Западен балкан„ во Скопје во периодот 21-23 февруари 2007 година во хотелот Холидеј Ин се одржа регионалната тркалезна маса „Заеднички стандарди помеѓу системите на извршување кај земјите членки на ЕУ„.

На средбата учествуваа 6 земји учеснички и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора и Србија претставени со вкупно 17 учесници.Средбата беше раководена од страна на Експертите на Европската Унија:

Јос Уитдехааг- извршител од Холандија, претседавач

Бернард Мену- извршител од Франција, а воедно и Секретар на меѓународната асоцијација на извршителите со седиште во Париз,

Виолета Белеганте- Министерство за правда на Романија 

Македонската делегација беше составена од 4 претставника и тоа :

Радица Лазареска Геровска- државен советник- Владин агент,

Антончо Коштанов, извршител -член на УО на Комората на извршителите,

Никола Јолевски, Министерство за правда,

Нена Ивановска-Проект ДПК УСАИД

На Тркалезната маса беа разгледувани и дискутирани следните теми

1. Европските стандарди и забелешки за извршителите

2. Статусот на судските извршители во Европа

3. Судските извршители и нивните релации со корисниците и власта

4. Реформски процес на национално и Европско ниво: Како да се подобрат заедничките стандарди наспроти постојната разноликост на статусот помеѓу извршителите

Република Македонија го претстави својот систем на извршување утврден со Законот за извршување, по што  беа презентирани и ефектите од нововоспоставениот систем во смисла на брзина и ефикасност на извршувањето. Претставена беше и медиумската кампања која се водеше за промоција на Законот за извршување.

Согледано беше дека останатите земји учеснички освен Албанија, бивши републики во СФРЈ, воглавно го зачувале стариот систем  на извршување на судските одлуки од граѓанската сфера (СФРЈ) и имаат огромен заостаток на неизвршени предмети, со мали измени во правец на подобрување на извршувањето, но за жал проблемот на ефикасноста не го решиле со превземените измени и сеуште лутаат барајќи решение.

Македонскиот нов систем на извршување од страна на експертите беше оценет како одлично решение и констатирано беше дека Македонија тргнала во вистински правец во ова сфера. Сите препораки на Советот на Европа се целосно вградени во Законот за извршување, заради што оценето беше дека РМакедонија предничи во целиот регион, но и пошироко со оглед на тоа што дури сега, стари Европски земји како Шведска и Германија се решиле на драстични промени и започнале со измени во своите системи на извршување во истиот правец (востановување на професијата приватни извршители).     

Земјите учеснички беа пријатно изненадени од претставената реформа на правосудството (ЗПП и другите релевантни закони), но особено од нововоспоставениот систем на извршување, од драстичните промени преземени во оваа сфера, огромниот обем на работа за профункционирање на ваков нов систем и покажаа огромен интерес за таквите искуства да ги пренесат и во своите матични земји.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk