Министерот за правда Blerim Bexheti се обрати на конференцијата „Поддршка за унапредување на имплементацијата на медијацијата во Република Македонија“  
     
 

27.06.2013

 
 

Поддршката на имплементацијата на медијацијата во Република Македонија беше клучен проект за медијацијата, a резултатите од проектот се вградени во политиките на Владата за поттикнување на медијацијата во Република Македонија.

Министерот за правда Blerim Bexheti истакна дека, Владата во мај 2012 година донесе Акционен план за развој на медијацијата за периодот 2012 - 2014 година, кој беше осмислен како средство за надминување на проблемите во оваа сфера. Планот дефинираше пет главни цели во правец на заживување на концептот на медијацијата во Република Македонија и тоа преку: зголемување на квалитетот на услугите на медијацијата во Република Македонија, унапредување и спроведување на правната и институционалната рамка за медијација во Република Македонија, подигнување на капацитетот и улогата на Комората на медијатори, зголемување на координација меѓу сите вклучени страни во процесот на медијација во Република Македонија, како и информирање и комуникација со јавноста, рече Bexheti додавајќи дека овој план доследно се спроведува.

Владата пак, на почетокот на 2013 година донесе одлука да ги субвенционира првите четири часа на медијација во предмети пред поведување судски спор. Оваа мерка ги стимулира граѓаните да ја испробаат медијацијата и да ги почувствуваат бенефитите од надминување на спор по пат на медијација. Медијацијата е вградена и во стратешкиот план на Министерството за периодот 2012 -2014 година ставајќи ја на приоритетно место.

Проектот за медијација овозможи институционално зајакнување на Министерството за правда во креирањето, следењето и евалуацијата на политиките поврзани со медијацијата во Република Македонија, што гарантира одржливост на напорите за развој на медијацијата на подолг рок. Bexheti  воедно потенцираше дека Министерството за правда ги вклучи сите релевантни институции во активностите поврзани со медијацијата, како преку формираното Координативно тело за управување со проектот, така и преку Меѓуресорската работна група за анализа на можноста и оправданоста за воведување на задолжителен обид за медијација во одредени сфери. Вклучени беа медијаторите, судовите, Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии, Организацијата на потрошувачите, но и претставници на науката преку професорите од правните факултети од државата.

Во поддршка на медијацијата се вклучија и судовите во Република Македонија, како и Нотарската комора на Македонија, која значително ги намали тарифите за солемнизација на спогодбите постигнати со медијација, за тие да стекнат статус на извршна исправа.

Според министерот Bexheti, холандското искуство е посебно скапоцено за поставување на основа за систем на квалитет на медијацијата во Република Македонија, што ќе биде еден од приоритетите на Министерството во блиска иднина. Не само затоа што тоа го бара усогласувањето со европското законодавство, туку затоа што и македонските граѓани, како што покажа комуникацијата со нив во текот на промоциите низ државата, бараат гаранции за компетентноста и интегритетот на медијаторите.

„Компаративното искуство покажува дека е потребно време и континуиран напор на државните органи, но и на претставниците на професијата, медијаторите, за овој брз, ефикасен и исплатлив начин на решавање на споровите да „фати корен“ во македонското општество“, додаде Bexheti.

Министерот на крај заклучи дека Министерството за правда останува отворено за натамошни иницијативи и проекти кои ќе придонесат медијацијата да стане често застапен модус на решавање на споровите во Република Македонија. Ѝ се заблагодари на Амбасадата на Кралството Холандија за несебична поддршка и истакна дека очекува продолжување на соработката и во иднина, во правец на приближувањето на Република Македонија кон семејството на Европската Унија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk