Bexheti: Република Македонија се залага за поголема регионална соработка на полето на борбата со корупцијата и организираниот криминал  
     
 

11.07.2013

 
 

На Регионалната конференција за антикорупциска иницијатива на земјите на Југоисточна Европа, која се одржа во Загреб, Хрватска - Министерот Blerim Bexheti истакна дека Република Македонија секогаш се залагала и ќе продолжи да се залага за што поголема регионална соработка на полето на борбата со корупцијата и организираниот криминал, затоа што овие феномени ги надминуваат границите на нашите држави и многу често добиваат регионална димензија. Тоа бара од државите здружено да дејствуваат за да се зададе силен удар на корупцијата и организираниот криминал во регионот на Југоисточна Европа.

Работата на РАИ - Регионалната антикорупциска иницијатива во  Република Македонија пред сè препознава и е присутна преку четири најзначајни сфери на делување додаде Bexheti.

Прво, како своевиден симбол за работата на РАИ, се редовните летни школи за млади правосудни професионалци од Југоисточна Европа. Република Македонија преку Академијата за обука на судии и обвинители, секогаш има позитивен пристап кон идејата за создавање на традиционална платформа за размена на искуства и знаења помеѓу младите професионалци од правосудната област. 

Втората област која Република Македонија ја детектира како значајна за регионалната анти-корупциска рамка е мрежата на експерти за интегритет. Затоа, Република Македонија преку Државната комисија за спречување на корупцијата, го дава својот придонес во развојот на оваа мрежа на експерти за интегритет,

Третата област која за Република Македонија претставува значајна регионална алатка за справување со проблемот на корупцијата е формирањето на регионалната мрежа за правосудни обуки. Додека, четвртата област од работењето на РАИ за која Република Македонија смета дека е од особено значење за регионалната антикорупциска политика е областа на конфискација на имот и имотна корист, област која во сите земји од југоисточна Европа доживеа особен развој во изминативе неколку години. Во Република Македонија функционира Агенцијата за управување со одземен имот и таа е отворена за соработка со сите слични агенции од регионот, истакна Bexheti.

Bexheti потенцираше дека Република Македонија останува посветена на борбата против корупцијата преку интегриран регионален пристап. Својата заложба недвосмислено ја покажа и преку почитување на финансиските обврски кон РАИ и преку поддршка на сите активности на секретаријатот. Во иднина се очекува и уште поголема инволвираност на Република Македонија во регионалните анти-корупциски текови, како и повратен ефект од работењето на РАИ, преку ангажирање на професионалци од Република Македонија кои несомнено ќе можат да одговорат на предизвиците што борбата против регионалната корупција ги носи со себе.

Во врска со потпишувањето на Протоколот, како еден од главните механизми за промоција на регионалниот аспект на борбата со корупцијата, Bexheti рече дека се надева дека и по стапувањето на сила на протоколот ќе се продолжи со уште посилно темпо во борбата против корупцијата и на национална и на регионална основа.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk