Престставник од Министерството за правда на Република Македонија нов антикорупциски експерт во Управното тело на РАИ за Југоисточна Европа  
     
 

18.07.2013

 
 

Деновиве во Загреб се одржа 17 пленарна сесија на Управното тело на Регионалната антикорупциска иницијатива за Југоисточна Европа - РАИ. Најважна точка на дневниот ред беше изборот на нов антикорупциски експерт, позиција за која претендираа кандидати од четири земји (од вкупно девет држави членки на РАИ) кои според принципот на ротација имаа право да предложат свои кандидати.

Согласно одлуката на Управното тело на РАИ, сочинето од претставници на деветте земји членки, за нов Антикорупциски експерт е избран Киро Цветков, вработен во Министерството за правда на Република Македонија во одделението за меѓународна правна соработка. За Македонија е особено важно што нашиот кандидат доби најголем број гласови при изборот на оваа функција.

Ова е од особено значење и уште повеќе добива на тежина и поради фактот што после 13 години, колку што постои РАИ на меѓународната антикорупциска сцена, Киро Цветков е прв македонски државјанин кој добива функција во Секретаријатот на оваа регионална меѓународна организација. Претставникот од Македонија во РАИ во Сараево, ќе биде „втор човек“ во организацијата, што само го потврдува квалитетот на државните службеници во Република Македонија, а особено оние со кои располага Министерството за правда на Република Македонија.   

РАИ е единствена меѓународна организација во регионот на ЈИЕ која е исклучиво посветена на борбата против корупцијата. Министерот Bexheti во својот говор при потпишувањето на Протоколот за изменување на Меморандумот за соработка, со кој пред 6 години беше основана РАИ - како наследник на СПАИ и некогашниот Пакт за стабилност што денес се нарекува СРС (Совет за регионална соработка) потенцираше дека:

„Република Македонија останува посветена на борбата против корупцијата преку интегриран регионален пристап. Својата заложба недвосмислено ја покажа и преку поддршка на сите активности на РАИ, а во иднина очекуваме и уште поголема инволвираност на Република Македонија во регионалните антикорупциски текови како и повратен ефект од работењето на РАИ преку ангажирање на професионалци од нашата држава кои несомнено ќе можат да одговорат на предизвиците што борбата против регионалната корупција ги носи со себе“.

Несомнено, пораката што Министерот Bexheti ја испрати преку своето обраќање наиде на одобрување кај државите од регионот кои членуваат во РАИ. Тоа резултираше со избор на македонски државјанин за нов антикорупциски експерт во оваа почитувана меѓународна  организација, што секако ќе има и натамошен позитивен ефект за Република Македонија преку мноштвото проекти во борбата против корупцијата кои РАИ ги координира, а од кои Република Македонија може да има голема полза при напорите да изгради што поефикасен систем  од антикорупциски институции и мерки кои ќе придонесат за зголемување на реномето на нашата држава и ќе влијаат на привлекување на странските инвеститори.

 

 

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk