Иницијален тренинг за новоименуваните извршители  
     
 

02.03.2007

 
 

Во организација на Министерството за правда и Проектот за   модернизација на     судството во Македонија- УСАИД, на 1-2 март 2007 година беше одржан иницијален тренинг за новоименуваните 8 извршители и 11 именувани  помошници извршители  кои веќе работат кај извршителите на целата територија на Република Македонија.

Обуката официјално ја отвори министерот за правда Михајло Маневски, кој им се обрати на извршителите и именуваните помошници со желби за успешна работа и  ефикасно извршување. Едновремено министерот Маневски укажа на огромната доверба која им е дадена, но и на одговорноста што ја имаат при вршењето на нивната работа.

Обуката ја изведуваше  странскиот експерт Јос Уитдехаг, извршител од Холандија, во соработка со претставници на Министерството за правда, Врховниот суд, Комората на извршителите на Република Македонија, Народната банка на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Државниот геодетски завод и Централниот регистар.

На обуката беа разработени повеќе теми со цел да се презентираат практични искуства при спроведување на извршувањето, начини на комуникација со странките, справување со стрес при конфликтни ситуации, пристап до различните регистри заради прибирање на информации од личен карактер за должниците и управување со истите, регулатива  за заштита на податоци, обврската на трети лица да соработуваат со извршителот.

Едновремено извршителите беа запознаени со потребата за развивање на основни вештини на менаџмент, односно со функционирањето и структура на нивните канцеларии, со вештините на финансискиот менаџмент, механизмите за ревизија и за контрола.

Особен осврт беше даден на потребата од компјутеризација на канцелариите, како неопходен услов за ефикасно, уредно и навремено извршување во согласност со Законот за извршување. Стана збор и за примената на Тарифата за награда на извршителите и начинот на нејзиното пресметување.

Извршителите беа запознаени со работата на Комората на извршители, како се гради и штити кредибилитетот на новата професија, дисциплинската одговорност на извршителите, а особен акцент беше ставен на потребата од пристапување на Комората на изврпителите на Република Македонија кон меѓународните асоцијации на извршителите, како во рамките на Европа, така и пошироко- на светско ниво.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk