Промовирана Збирката пресуди на ЕСЧП по членот 10 – слобода на изразување  
     
 

01.10.2013

 
 

Во Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија денеска беше промовирана публикацијата „Збирка на пресуди на Европскиот суд за човекови права, по членот 10 – слобода на изразување“.

- Оваа двотомна публикација во која на безмалку 2.000 страници во превод на македонски јазик се содржани 70 пресуди и одлуки на Судот за човекови права во врска со членот 10 од Конвенцијата, претставува понатамошен чекор во приближување на судската пракса на Судот во Стразбур до домашните судии, особено оние кои постапуваат по предметите за клевета и навреда, истакна на промоцијата на Збирката министерот за правда Блерим Беџети.

Преведените пресуди и одлуки од Европскиот суд за човекови права  во врска со слободата на изразувањето, како што посочи Беџети, се дел од обврските превземени во рамките на Претпристапнит дијалог на високо ниво.

- Публикацијата ќе биде од голема полза за судиите во Македонија при донесување пресуди во кои се засега во слободата на изразување и ќе даде дополнителна гаранција на слободата на изразување на начин кој е конзистентен со европските стандарди, рече министерот за правда.

Директорот на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, Костадин Богданов посочи дека со новиот Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда се овозможува директна примена не само на одредбите од Конвенцијата, туку и на праксата на Судот во Стразбур.

- Се уште нема пресуда против Република Македонија, ниту пак има предмет во работа по член 10. Во Збирката сите пресуди се против други држави, како за Англија, Германија и Италија. Тоа се едни од најдемократските земји, но тоа е доказ дека ниту една држава нема идеално демократски систем и почитување на човековите права, рече Богданов.

Незанемарувајќи ја виталната улога на печатот во демократското општество, како што рече Богданов, новинарите не можат во принцип да бидат ослободени од нивната обврска да го почитуваат кривичното право врз основа на тоа што членот 10 им пружа заштита.

- Заштитата на членот 10 на новинарите во врска со известувањето за прашања од општ интерес е подложна на условот тие да делуваат со добра намера и врз точна фактичка основа и да обезбедат „веродостојна и прецизна“ информација во согласност со новинарската етика, рече Богданов.

Според директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска оваа Збирка ќе се биде уште една публикација која ќе се приклучи на останатите 200 пресуди кои ги преведе Академијата со своите партнери.

- Преведените пресуди ќе им помогнат  на судиите кои ги судат граѓанските предмети во врска со клеветата и навредата да ги унапредат нивните капацитети и знаења, а воедно стандардите на Европскиот суд за човекови права да ги применуваат секојдневно во судската пракса, истакна Арнаудовска.

На промоцијата беше истакнато дека членот 10 од ЕКЧП, а посебно судската пракса на Европскиот суд за човекови права се исклучително важни за државите-потписнички на Конвенцијата и тоа не само заради владеењето на правото, туку и заради вградување на стандардите и принципите  во законите и во праксата на домашните судови.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk