Позитивна оценка на Венецијанската комисија за предлог законите доставени од Министерство за правда  
     
 

16.03.2007

 
 

       Министерот за правда Михајло Маневски на покана на претседателот на Венецијанската комисија при Советот на Европа денес присуствуваше на пленарната сесија на Комисијата. Комисијата расправаше и усвои мислења за четири предлози за донесување на закони што ги достави Министерството за правда на Република Македонија и тоа Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, Законот за Јавното обвинителство и Законот за Совет на јавните обвинители и измените и дополнувањата на Изборниот Законик за остварувањето на правото на глас на дијаспората.

Во излагањето министерот Маневски  изрази благодарност до Комисијата за досегашната исклучително значајна соработка, што даде несомнено голем придонес во процесот на изградување на нашиот правен поредок во согласност со меѓународните норми и стандарди.

Во однос на предложениот Закон за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група Министерот Маневски ги образложи целите и причините за неговото донесување. Предлог Законот всушност  преставува операционализација на Уставно гарантираните права и слободи на лугето по прашањето на верските слободи и уредувањето на  правната положба на црква, верска  заедница и религиозна група. Министерот ја истакна богатата историја на македонскиот народ и различните етнички и верски заедници кои создале и непроценливо културно и духовно богатство живеејќи заедно во соживот и доверба. 

          Оценката на експертите во усвоеното мислење е дека Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група е во согласност со генералните меѓународни принципи и стандарди. Беа дадени одредени забелешки што се во функција на подобрување на дадениот текст на законот и појаснување и доградба на определени решенија.

          Во однос на предлогот за донесување на Законот Јавното обвинителство и на Законот за Совет на јавните обвинители беше заклучено дека истите се добра основа за остварувањето на самостојно и ефикасно врсење на функцијата на јавниот обвинител. Исто така беа изложени определени согледувања во врска со попрецизно уредување на прашањата за хиерархија и субординација и други прасања за допрецизирање на некои одредби.

Понудените решенија за Законот за изменување и дополнување на Изборниот Законик за остварувањето на правото на глас на дијаспората беа исто така во основа  поддржани.

Ова е прв пат Венецијанската Комисија да расправа одеднаш за четири исклучително значајни законски проекти што ги достави Министерството за правда на Република Македонија кои предзвикаа голем интерес. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk