Се одржа јавната расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик  
     
 

01.11.2013

 
 

Од решенијата содржани во кривичното законодавство, а особено од оние во Кривичниот законик во голема мера зависи успешноста во функционирањето на целокупниот кривично-правен систем. Сево ова е во тесна врска и со почитувањето, остварувањето и заштитата на човековите права. Затоа, нашите заложби се движат кон моделирање кривично-правен поредок компатибилен со европските стандарди, заснован врз гаранциите на слободите и правата на човекот. Исто така, имајќи ги предвид современите трендови во глобални рамки и состојбите во оваа област кај нас, особено се наметнува потребата за обезбедување механизми што ќе овозможат ефикасно сузбивање и заштитата од организираниот криминал и корупцијата.

„Дозволете ми во оваа пригода да нагласам дека покрај интервенирањето во законите неопходна и нивна доследна примена, на што Владата на Република Македонија посветува особено внимание. За таа цел, реформските активности на Министерството за правда ќе бидат насочени кон заокружување на правната рамка за изградба на современ и конзистентен систем на кривичната правда, но и на градење механизми за доследна примена на пропишаните законски норми. Притоа, приоритетот се става на елиминирање на воочените слабости и осовременување на казненото законодавство. Во рамките на осовременувањето на системот на кривичната правда посебен акцент се става врз јакнењето на капацитетите на институциите надлежни за откривање, обвинување и пресудување на сторителите на кривични дела„, нагласи Министерот за правда Blerim Bexheti.

Појавата на нови форми и видови криминал бара соодветна реакција. Токму овие измени и дополнувања на Кривичниот законик се одговор на државата на најновите видови криминал кои не се законски санкционирани. Во нив се содржани најновите стандарди во областа на казненото право.

„Заради отстранување на досега лоцираните слабости, се наметна потребата од пропишување на нови кривични дела, редефинирање на веќе постојни кривични дела и зајакнување на казнената политика. Целта на овој предлог е кривично правно да се нормираат одредени ситуации кои досега претставуваа правна празнина и во практиката беа можност за одредени злоупотреби„, рече Bexheti.

Имајќи го предвид фактот дека се работи за материја од повеќе различни области, при изготвувањето на предлозите за кривичните дела во овој предлог беа вклучени претставници од повеќе министерства и органи и тоа: Министерство за здравство, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за економија, Министерството за култура, Управата за заштита на културно наследство, Министерството за внатрешни работи и други органи. Во Предлогот на законот беа вградени и мислењата изнесени од судиите и јавните обвинители, и тоа особено во делот кој се однесува на општите одредби за казните. Во рамките на нашето транспарентно работење е и одржувањето на денешнава јавна расправа.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk