За Основниот суд во Куманово најголем проблем финансиите  
     
 

19.03.2007

 
 

Заменик министерот за правда, Сашо Василевски и државниот секретар Нуман Лимани денеска ги посетија правосудните институции во Куманово. При посетата на Основниот суд во Куманово Заменик министерот за правда,  Василевски ги информира претседателот на судот Селвер Исмани и судиите за целта на посетата, при што подвлече дека за понатамошните реформски активности во правосудството е неопходно да се оцени како оди имплементацијата на веќе донесените законски решенија за да може да се оствари целта, односно судството да стане поажурно и поефикасно.

          Претседателот на Основниот суд во Куманово, Селвер Исмани ги информира заменик министерот  Василевски и државниот секретар Лимани за состојбата во судот, при што нагласи дека се среќаваат со финансиски проблеми, поради неплатените сметки кон Комуналното претпријатие, ЕСМ и Македонски телекомуникации, а не се платени и поротниците за подолг период. Тој подвлече дека од неговото доаѓање досега долгот кој го има Основниот суд во Куманово е намален и сега изнесува околу 11 илјади евра, но не може да го санира во целина, поради малите средства што Основниот суд ги добива од Судскиот буџетски совет. Досега, како што рече претседателот Исмани,  од Судскиот буџетски совет добиле само ветувања дека проблемот ќе се реши, но реализација нема.Заменик министерот Василевски рече дека Министерството за правда ќе се заложи овој проблем да се реши што е можно побрзо.

          На средбата судиите во граѓанскиот оддел рекоа дека Законот за парнична постапка е многу добар и дека нуди солидни решенија за брзо решавање на предметите, но проблем е доставата, дури и онаа првата. Законот за извршување со кој, како што беше речено, се воведе еден сосема нов начин на извршување на судските одлуки, беше оценет како добар, бидејќи придонесува да се намали  бројот на предмети.

Заменик министерот  за правда Василевски и државниот секретар Лимани го посетија и Основното јавно обвинителство во Куманово. Основниот обвинител Валентина Стојановска информира дека имаат недостиг на кадри, бидејќи има голем број на предмети, а покриваат голема територија. Овој проблем, како што оценија и замениците обвинители, ќе се почувствува уште повеќе со донесувањето на новиот закон за Јавно обвинителство, со кој се прошируваат надлежностите на Обвинителството.

Заменик министерот  Василевски и државниот секретар Лимани во Куманово ги посетија и Правобранителството и Подрачната единица на Министерството правда.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk