Работна средба за измените на Изборниот законик  
     
 

30.11.2013

 
 

На покана на Министерството за правда денеска се одржува средба меѓу претставници на институциите, Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ОБСЕ за измените и дополнувањата на Изборниот законик.

За владејачките партии во предлогот се имплементирани забелешките на ОБСЕ/ОДИХР од парламентарните избори 2011 и од локалните избори 2013, додека опозициската СДСМ го демантира тоа и најави дека ќе достави свои забелешки. ДПА немаше свој претставник на средбата.

Министерот за правда Блерим Беџети изјави дека денеска се дебатира за предложениот текст со претставниците на политичките партии, ДИК и ОБСЕ.

- Иако има различни мислења, тврдам дека се исполнети препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но сепак има една традиција во Република Македонија за Изборниот законик да се седне да се разговара и не го одбегнуваме тоа, напротив ќе се сослушаме неколку пати ако е потребно, рече Беџети. Додаде дека се работи на тоа измените да бидат прифатливи за сите.

Предлог-законот, според претставникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров нуди определен квалитетни решенија за прашања кои беа дискутирани во изминатиот период.

- Во предлогот на Министерството за правда се предвидени решенија за проблемите и препораките што ги имаа дадено ОБСЕ/ОДИХ. Направен е добар чекор напред во имплементација на сите препораки. Има исто така одредби кои се нови, како делот со отисокот со прст и контролата за вршење отисок на прст, изјави Тодоров. Според него, тоа решение го зацврстува и дополнително го гарантира правилото еден човек еден глас. За тврдењата на СДСМ, вели дека тоа е позната политичка реторика.

- Она што е добро е што седиме на иста маса и што разговараме одредба по одредба, член по член, рече тој, најавувајќи интензивни средби во текот на следните неколку дена.

Законскиот предлог, според СДСМ, не ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР и не нуди гаранции за фер и демократски избори во Република Македонија. До понеделник партијата е подготвена да достави предлози за подобрување на законскиот текст.

- Ако се погледне текстот ќе видите дека добар дел од одредедбите што се предложени се козметички, без некакви суштински подобрувања на законот, многу од нив се и конфузни и нејасни и е донесат дополнителни нејаснотии во спроведувањето на изборите. Овој текст треба сериозно да се доработи со цел да имаме пристојна рамка, изјави Рената Тренеска Дескоска.

Делот кој што се однесува за одвојување на државата од партијата односно за злоупотреба на буџетски средства за партиски цели во изборна кампања, според неа, не е имплементирана.

- Денешната дебата покажа дека кај ВМРО-ДПМНЕ и кај ДУИ нема интерес да се имплементира оваа препорака и да се спроведат фер и демократски избори. Воопшто не е допрен делот кој што се однесува на препораката на ОБСЕ за дискриминаторските одредби за висината на донациите од правните лица односно дека е неприфатлив процентот од 5 отсто за максимална донација, изјави таа. И одредбите за дијаспората исто така, според Тренеска Дескоска, не се според препораките на ОБСЕ/ОДИХР туку креираат нов проблем. Делот за медиумите е пренесен од правилниците на Советот за радиодифузија, вели таа и додава дека со исфрлање на некои од старите одредби ќе се јават нови проблеми, поголеми од постоечките.

ДУИ смета дека законот треба да биде усогласен од страна на сите политички партии и да биде усвоен во Собранието со консензус.

- Освен забелешките на ОБСЕ/ОДИХР има и некои други предлози кои се во правец на подобро организирање на изборите и потранспаретен процес за организирање на изборите, како што е идентификација на гласачите преку отисоци. Ние тоа го поддржуваме, но исто така ставот е дека тоа треба да се имплементира по некоја динамика зашто е новост за гласачите, не сакаме тоа да има влијание и на процесот и на транспаретноста. Сакаме тоа да биде на следните избори како пилот-проект и да се применува за цела Македонија од 2019 година, изјави Абдулаќим Адеми, како претставник на ДУИ.

За ДУИ е прифатлив предлогот избирачките места да немаат повеќе од илјада гласачи.

- Тоа ќе доведе до поефикасно реализирање на изборите, нема да има поголеми гужви пред гласачките места, изјави Адеми.

Драфтот на предлог-законот за изменувања и дополнувања на Изборниот законик на почетокот на оваа недела им е доставен на политичките партии, ДИК и ОБСЕ. На денешниот состанок присуствуваа и претставник на ОБСЕ и новиот претседател на Државната изборна комисија Никола Рилкоски.

Се уште не е прецизиран рокот до кога треба да бидат дефинирани измените на Изборниот законик и кога тие би биле изгласани од Собранието.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk