Започна примената на Законот за кривичната постапка  
     
 

02.12.2013

 
 

По повод почетокот на примената на Законот за кривична постапка денеска  во Јавното обвинителство на Република Македонија се одржа работен состанок на  министрите за правда и за внатрешни работи Blerim Bexheti и Гордана Јанкулоска и претставници на судството со Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски.

 - Целокупниот реформски процес во казнената област започна уште во 2007 година со донесувањето на Стратегијата за реформа на казненото право. Од тогаш па до денес Министерството за правда континуирано работи на остарување на целите поставени во стратегијата.  Генералната цел на реформскиот процес беше модернизација на кривичното правосудство и негова компатибилност со европските законодавства; забрзување на кривичното постапка; организациско и функционално јакнење на јавното обвинителство. По две годишна работа во министерството беше донесен новиот Закон за кривичната постапка, во кој беа вклучени бројни домашни и странски експерти.

  По донесувањето на законот, кој имаше одложна примена, се започна со подготовката за имплементација на законот. За таа цел беше подготвен Акциониот план за имплементација на ЗКП. Акциониот план, претставува еден сеопфатен документ, поделен во неколку сегменти, и тоа нормативен дел, обуки, јакнење на капацитетите и фискални импликации.

- Во однос на нормативниот дел, беше предвидено усогласување на законите кои се поврзани со Законот за кривичната постапка. Овој процес опфаќаше не само закони кои се во надлежност на Министерство за правда, туку и закони од надлежност на други министерства.

 - Во однос на обуките, во соработка со Академијата за обука на судии и јавни обвинители беа спроведени бројни базични обуки за сите учесници во постапката. Овие обуки веќе се завршени и во тек се обуките по модули, за одделени делови од постапката.

- Од спроведените обуки, произлегоа и беа увидени некои недоследности и недостатоци во законот, поради што Министерството за правда формира работна група за подготовка на измени и дополнувања.

- Измените и дополнувањата на законот ќе бидат само во насока на отстранување на лоцираните слабости и недоречености во законот, како и решенија за кои од обуките се утврдило дека ќе претставуваат проблем во пракса. Ова значи, дека предложените решенија нема да го менуваат концептот на законот, ниту ќе се предлагаат нови дополнителни решенија.

 - Особено значајно за целокупниот процес на реформа беше јакнењето на капацитетите на институциите, особено на јавното обвинителство, како орган кој со новиот закон ќе биде надлежен за водење на истрагата. За подобрување на инфраструктурата и опремата на Јавното обвинителство, на 11.10.2013 беше пуштeна во употреба новата зграда на Јавното Обвинителство на РМ, објект во кој ќе бидат сместени Основното и Вишото јавно обвинителство Скопје и Јавното обвинителство на Република Македонија. Зградата располага со по четири соби за препознавање и за сослушување, две конференциски сали, место во кое адвокатите ќе може да имаат средби со клиентите. Ваквите услови ќе му овозможат на Јавното обвинителство многу поефикасна и посигурна работа во секојдневните обврски и борбата против криминалот и корупцијата.

 - Воедно со ИПА Проектот 2009 „Поддршка во имплементација на реформата на кривично правниот систем“, ќе се придонесе за зајакнување на капацитетите на јавните обвинители и другите релевантни институции вклучени во спроведување на реформираното кривично законодавство.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk