Дебата за проширувањето на ЕУ: Владеењето на правото е основа за евроинтеграцијата  
     
 

04.12.2013

 
 

Германија е заинтересирана во делот на проширувањето земјите од Западен Балкан да имаат јасна перспектива за пристапување во ЕУ. Но, ќе инсистира на правилото секоја земја да ги исполни сите критериуми за членство. Мора да учиме од грешките направени со Романија и Бугарија и проширувањето во 2007 година.

Ова го истакна Дејвид Џејмс Мекалистер, кандидат за пратеник во Европскиот парламент, носител на листа на ЦДУ и поранешен премиер на Долна Саксонија на промоцијата на компаративната анализа „Вградување на владеењето на правото во процесот на проширување на ЕУ-Досегашни искуства и перспективите на земјите од Западниот Балкан“ изработена од Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“ во соработка со Конрад Аденауер фондацијата.

- Ние Германците сме особено заинтересирани за стабилна ситуација во целиот Балкан. Сметам дека Македонија и останатите земји добро ќе се снајдат со поддршка на ЕУ, а владеењето на правото ќе биде од суштинско значење во сите фази од пристапниот процес, рече Мекалистер.

Тој појасни дека тоа ќе биде ставот на новата Влада, која очекува пред Божик да биде избрана и да ја предводи Ангела Меркел, а во чиј коалиционен договор напишан на 175 страници се споменува и Западен Балкан во делот на надворешна политика.

И амбасадорот на ЕУ Аиво Орав истакна дека процесот на пристапување во ЕУ денес е многу построг и пообемен од порано, поради научените лекции од минатото. Критериумите од Копенхаген се многу важни бидејќи ги претставуваат клучните вредности врз кои ЕУ е основана, а меѓу нив е и владеење на правото, како и демократијата и почитување на основните права.

Според Орав, во Стратегијата на ЕК за проширување објавена со извештаите за напредокот на земјите кандидати и потенцијални кандидати јасно е посочено дека владеењето на правото е во срцето на проширувањето. Тоа значи, вели, дека државите треба да се справат со прашањата во поглед на реформата во судството и борбата против организираниот криминал и корупцијата во раниот период од пристапните преговори.

Во однос на Македонија, тој посочи на Пристапниот дијалог на високо ниво, започнат во мај 2012 година, во кој биле опфатени и прашања за владеењето на правото и биле нотирани пет области на кои земјата треба да се фокусира во натамошните реформи.

Министерот за правда Блерим Беџети истакна дека Македонија вложи голем напор во изминатиот период за подобрување на состојбата во делот на владеење на правото и оти и самата ЕК во послениот Извештај нотира дека клучните долгорочни реформи во правосудството се веќе завршени во согласност со европските стандарди.

- Министерството за правда во соработка со клучните институции вклучени во реформата на правосудниот систем и во иднина ќе продолжи посветено да работи на унапредување и спроведување на евроинтегративните процеси, особено имајќи ги предвид приоритетите кои се дел од Акцискиот план од Пристапниот дијалог на високо ниво воспоставен межу ЕУ и РМ, рече министерот Беџети подвлекувајќи и на значењето на регионалната соработка во тој контекст.

Според анализата, пристапувањето на Хрватска во ЕУ потврдува дека политиката на условеност на Унијата е двигател што овозможува напредок во реформскиот процес кој води до пристапување, како и дека откако се зголеми на 27 земји Брисел прифаќа за членство само земја која е сто процентно подготвена за тоа. За да ја избегне грешката од петтото проширување со предвремениот прием на земјите кои заостануваа, во Договорот за пристапување кон Хрватска, беа додадени дополнителни одредби за внимателно следење на исполнувањето на зложбите на земјата, особено на оние во делот на владеење на правото, се додава во анализата на „Зенит“.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk