Конференција за предизвиците, проблемите и перспективите на правната професија во Република Македонија  
     
 

06.12.2013

 
 

(МИА) - Претставници од Министерството за правда, од Нотарска, Извршителска и Адвокатска комора и професори од Правните факултети денеска дебатираа на конференција за предизвиците, проблемите и перспективите на правната професија во Република Македонија.

Министерот за правда Блерим Беџети информира за преземените активности и за реформата на судството.

Клучната улога во областа на едукацијата на судиите и јавните обвинители во Македонија ја има Академијата за обука на судии и јавни обвинители. Нејзиното востановување и успешно функционирање претставува значаен чекор на Македонија кон современите достигања на Европа во областа на правосудството и вградување на меѓународните стандарди во оваа област, рече Беџети.

Високото стручно знаење и етичките квалитети, како што рече, се основните компоненти на секој судија и јавен обвинител, што претставува еден од предусловите за независно и ефикасно судство и јавно обвинителство. 

Зоран Дранговски, постар правник од Здружението на млади правници изјави дека правничката професија во изминатите десет години, откако се формирало здружението, претрпела измени.

Имаме промени во начинот на полагање на правосудниот испит и сметаме дека е потребно да се отвори дебата на оваа тема. Правосудниот систем е доста сложен во секоја земја, а една од основните мисии на здружението е да се почитуваат човековите права и владеењето на правото, рече Дранговски.

Според него, правничката професија отсекогаш била примамлива и се уште има интерес за неа во светот и во Македонија.

На конференцијата присуствуваа професори и студенти од Правниот факултет, адвокати.
 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk