Будва, Црна Гора: Министерот Bexheti учествува на форум ЕУ-Западен Балкан  
     
 

20.12.2013

 
 

 

Министерот за правда Blerim Bexheti во текот на денешниот ден имаше свое обраќање посветено на - ,,Реформата на правосудниот систем предизвиците кои претстојат,,.

 

 Во обраќањето министерот Bexheti се осврна на реформите на кривичното законодавство кои Република Македонија ги има преземено досега, а кои ја потврдуваат заложбата за поставување на долгорочна основа за ефикасно, самостојно и професионално правосудство, особено преку надградување на постојната законска регулатива од областа на правосудството во согласност со меѓународните стандарди, како и на имплементација на законите со цел натамошно зајакнување на независноста и зголемување на ефикасноста на судството, поедноставување на судските постапки и олеснување на пристапот на граѓаните до правдата.

 

 Министерот Bexheti нагласи дека заокружувањето на целокупниот реформски процес во казнената област се изврши со донесувањето на новиот Закон за кривична постапка кој започна со примена на 01.12.2013 година. Од овие причини тој потенцираше дека фокусот и еден од најголемите предизвици во претстојниот период ќе биде успешната примена на Законот кој претставува темелна реформа во уредувањето на кривичната постапка, заради што беа обезбедени предуслови за негова успешна имплементација како на нормативно, така и на институционално ниво, како и организационо и функционално јакнење на капацитетите на јавното обвинителство. Во своето обраќање министерот Bexheti истакна дека со новиот Закон за кривична постапка е преуреден начинот на водење на истрагата и посебно е регулирана надлежноста на јавниот обвинител, како и неговата раководна улога во откривањето и гонењето на кривичните дела, а воведени се и нови институции – правосудна полиција и истражни центри на јавното обвинителство.

 

 Воедно, министерот Bexheti потенцираше дека се преземаат активности за унапредување на системот за утврдување на дисциплинска одговорност на судиите, согласно меѓународните стандарди и праксата на Европскиот суд за човекови права. Истовремено, продолжува реализацијата на активностите во однос на изборот на судии, новите одредби за дисциплинска одговорност и утврдување нестручно и несовесно вршење на работата на судиите.

 

Денеска во рамки на Форумот министерот за правда на Република Македонија Blerim Bexheti и министерот за правда на Црна Гора г. Душко Марковиќ потпишаа два договора од правосудната област , и тоа:

 

Договор меѓу Република Македонија и Црна Гора за правна помош во граѓанските и кривичните предмети и

 

Договор меѓу Република Македонија и Црна Гора за меѓусебно извршување на судските одлуки.

 

Со овие договори ќе се овозможи зајакнување на меѓународната соработка во областа на граѓанското и кривичното право, ќе се зајакнат капацитетите на институциите за применување на правните норми, ќе се овозможи брза и ефикасна судска постапка, поголема правна сигурност на граѓаните на двете држави, поефикасно спроведување на судските одлуки помеѓу двете земји, со што се заокружува правната рамка во правосудната област на двете земји.

 

Во рамки на форумот Министерот Bexheti оствари билатерална средба со високи претставници од Министерството за правда на Италија. На средбата Министерот Bexheti накусо ги презентираше реформите кои Република Македонија ги има воведено особено преку новиот Закон за кривична постапка и Законот за парнична постапка.

 

Претставниците од Министерството за правда на Италија на средбата ја потврдија посетата на италијанска делегација во Република Македонија во периодот од 14-16 јануари 2014 година. Во текот на посетата ќе се одржат преговори за склучување на два билатерални договори меѓу двете држави за регулирање на меѓусебната правна помош во кривичната материја и екстрадицијата.

 

Воедно, претставниците од Министерството за правда на Италија, најавија дека посетата на делегацијата ќе се продолжи на тридневен престој во Република Македонија, заради разгледување и на можноста за склучување на други билатерални спогодби во делот на антикорупциската област, кривичната постапка, како и инкриминација на компјутерскиот криминал. Во рамки на претстојната посета, предвидено е да се разгледа и можноста за користење на поддршка преку ИПА Проекти во правосудната област.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk