Законот за парнична постапка помага во зголемувањето на ефикасноста на судовите – оценка на судиите од Велес  
     
 

28.03.2007

 
 

Заменик министерот  Сашо Василевски при посетата на Основниот суд Велес рече дека целта на посетата на правосудните организации во земјава  е согледување на резултатите од досегашната имплементација на новите законски решенија донесени во согласност со Стратегијата за реформа на правосудниот систем. Тој додаде дека имплементацијата на донесените законски решенија е неопходна за оставрување на целта, поефикасно и поажурно судство. Воедно, рече Васиелвски,  искуствата од праксата можат да помогнат во утврдувањето на евентуалните слабости на тие решенија и да укажат во кој правец треба да се движат измените.

Претседателот на судот, Шефшет Адеми рече дека Основниот суд во Велес е во редот на ажурните судови во земјава и во изминатиот период старите предмети се намалени на 246. Тој додаде дека доставата е на задоволително ниво. Судиите од граѓанскиот оддел рекоа дека Законот за парнична постапка нуди солидни решенија кои придонесуваат предметите да се решаваат во покуси рокови. Беше речено дека и решенијата од Законот за извршување ветуваат намалување на предметите и подобрување на состојбите.

Претседателот на Основниот суд Велес,  Адеми оцени дека и со проширената надлежност, согласно новиот Закон за судови, Основниот суд Велес успешно ја извршува својата функција и ќе придонесе во зголемувањето на ефикасноста и ажурноста на судството во целина.

Заменик мин за правда Сашо Василевски ги посети и Основното јавно обвинителство - Велес, Правобранителството и Подрачната единица на Министерството за правда.

Посетата на Велес е дел од серијата посети на правосудните институции што Министерството за правда ги презема во овој период со цел согледување на резултатите од преземените  реформски чекори во правосудството.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk