Министрите Бесими и Беџети разговараа за користењето на ИПА во ресорот правда  
     
 

13.01.2014

 
 

Реализација на предвидените проекти во Министерството за правда и искористеноста на ИПА средствата, беа тема на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими со ресорниот министер Блерим Беџети во рамки на ЕУ/ИПА институционалните посети, предвидени во Агендата на Секретаријатот за европски прашања ЕУ 2014.

По средбата Бесими информира дека било разговарано за реформите во делот на правосудството, слободата на изразување и медиумите, борба против корупцијата, фундаменталните права и изборната реформа.

- Нашата цел е заедно да согледаме како е динамиката, како се реализира планираното и што може понатаму да се направи во однос на одредени предизвици во реализација на овие реформи, рече Бесими.

Во однос на искористеноста на ИПА средствата, тој посочи дека Министерството за правда искористило околу 17 милиони евра од кои 65 отсто се за техничка поддршка за реформите за експерти во законодавството и 35 отсто инвестиции во опрема во зајакнување и модернизација на судскиот систем и Јавното обвинителство.

Министерот за правда Беџети истакна дека го запознал вицепремиерот за активностите за последните измени во кои казнената евиденција од Министерството за внатрешни поминува во надлежност на судовите.

- Деновиве ќе биде избрана и фирмата која од ИТ технолошка гледна точка ќе го спроведе сето тоа и Македонија ќе се придружи на земјите членки на ЕУ каде оваа надлежност е кај судовите, рече Беџети.

Посочи дека согласно договорот со ЕУ за дополнување на рамката 2013/2017, Министерството за правда со експерти од ЕУ ја утврдува и динамиката и стратегијата, а за некои закони веќе се формирани работните групи. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk