Конференција за „Правната држава и демократијата“ на ДУТ  
     
 

12.03.2014

 
 

Околу 140 професори, академици и научни работници од земјава и регионот учествуваат на Меѓународната научна конференција „Правната држава и демократијата“, која денеска свечено беше отворена на Државниот Универзитет во Тетово.

Министерот за правда Блерим Беџети во обраќањето истакна дека станува збор за важна тема бидејќи правната држава е предизвик и столб и за најнапредните држави во светот.

- Сметам дека искуствата од разни држави чии претставници учествуваат на оваа конференција ќе придонесе и ние да ги зајакнеме нашите капацитети и и самите да дадеме свој придонес бидејќи со добро функционирање на целиот систем на правна држава добиваат и граѓаните и институциите, рече Беџети.

Со свое излагање насловено како „Изградбата на Македонија како демократска правна држава“ на една од сесиите на конференцијата учествува и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Владо Камбовски.

- Нашата држава по завршувањето на периодот на транзицијата се соочува со бројни ризици за изградба на демократска правна држава со особено потенцирање на терминот демократска, бидејќи не секоја  држава го заслужува тоа. Во периодот на транзицијата се спроведе процесот на приватизацијата, изградбата на повеќепартискиот систем, слободните избори и ако тогаш политичкиот фактор беше одговорен за носењето на политичките одлуки во политиката и економијата сега главно прашање е каква е положбата на човекот и човечкото достоинство што е задача на знаењето и науката што пак треба да придонесе за внатрешна и меѓународна интеграција на државата, рече академик Камбовски.

На конференцијата учествуваат и народниот правобранител на Македонија Иџет Мемети, ректорот на Државниот универзитет во Тирана Дори Куле, претседателот на Врховниот суд на Косово Фејзула Шабани, професорот Лачезар Дачев од универзиетот во Русе, Бугарија и други експерти од правната област.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk