Министерот за правда, D-r Adnan Jashari се обрати на Регионална Конференција на Советот на Европа за промоција на Конвенцијата– MEDICRIME  
     
 

20.06.2014

 
 

Министерот за правда, D-r Adnan Jashari се обрати на Регионална Конференција на Советот на Европа за промоција на Конвенцијата– MEDICRIME  

            Министерот за правда, D-r Adnan Jashari, денеска имаше свое обраќање пред присутните на Регионалната Конференција на Советот на Европа за промоција на Конвенцијата за спречување на нелегалната трговија со лекови и слични материјали кои имаат последици врз јавното здравје (MEDICRIME), како главна алатка против организираниот криминал, која се одржува на 19-20 јуни во Скопје.

               Во своето обраќање Министерот Jashari ги поздрави напорите и активностите на Советот на Европа кои резултираа со усвојување на оваа Конвенција на 8 декември 2010 година од страна на Комитетот на Министри.

               D-r Jashari информираше дека во февруари 2014 година се донесени измени и дополнувања на Кривичниот Законик со кои се врши негово натамошно хармонизирање со меѓународните стандарди. Со овие измени и дополнувања се воведени нови кривични дела и се редифинирани постојните кривични дела заради зајакнување на казнената политика за делата против здравјето на луѓето, животната средина и сексуалната злоупотреба на деца.

                Истовремено, Министерот Jashari истакна дека Министерството за правда на Република Македонија е во постојан процес на унапредување на кривичното законодавство и негово натамошно усогласување со европските и меѓународните стандарди. Од аспект на борбата против фалсификувани медицински производи значајно е да се потенцира рече Jashari дека во Кривичниот Законик на Република Македонија во членот 212 се инкриминирани дејствијата на производство и пуштање во промет штетни средства за лекување.  

                На крајот на своето излагање Министерот заклучи дека дводневната регионална конференција претставува значајна можност за размена на искуства во сферата на националната и меѓународната легислатива во борбата за спречување на нелегалната трговија со лекови и слични материјали кои имаат последици врз јавното здравје што ќе придонесе за унапредување на процесот на потпишување и ратификација на оваа конвенција.

                 На Конференцијата покрај Република Македонија учествуваат и високи претставници на делегации од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора и Унгарија.
 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk