Новиот Закон за малолетничка правда ја нагласува превенцијата и примената на алтернативни мерки наместо затвор  
     
 

26.03.2007

 
 

  Министерството за правда ја одржа последната од четирите јавни расправи по предлог Законот за малолетничка правда на 26 март 2007 година во Скопје. Новиот закон за малолетничка правда кој беше изготвен со помош од канцеларијата на УНИЦЕФ ги регулира сите аспекти од малолетничката правда вклучувајќи го принципот на примена на превентивни и алтернативни мерки наместо затвор.

   Донесувањето посебен Закон за малолетничка правда е составен дел од  пошироката судска реформа која според мислењето на Европската заедница е неопходен предуслов за забрзување на процесот на евро-интеграција на Македонија,” изјави Министерот за правда Михајло Маневски. “Тој е дел од пакетот закони кои треба да се усвојат во првата половина на 2007.“

   Законот кој го изготви експертска група која Министерството за правда ја оснoва во 2003 година го вклучува начелото на заштита на малолетникот и неговите права, социјализација и помош во постапувањето со малолетникот, воведување принцип на ресторативна правда односно враќање на детето во поранешна состојба пред криминалното дело и превенција на малолетничката деликвенција.

 

   “Новиот закон ќе обезбеди законска рамка за заштита на правата на децата, но треба да се даде приоритет и на неговото спроведување,“ изјави доктор Вахид Хасан, претставник на УНИЦЕФ за Македонија. “ Значајни материјални средства се издвоени за реформата на правосудниот систем и малолетничката правда треба да биде дел од тој процес.“

   Правата на малолетните сторители на кривични дела се регулирани и со Конвенцијата за правата на детето која Македонија ја ратификува во 1993 година.

   Финансиска поддршка во организирањето на јавните расправи обезбедија УНИЦЕФ, ОБСЕ и Американската амбасада. За новиот Закон за малолетничка правда се одржани јавни расправи во Маврово, Битола и Штип со учество на судии за малолетници, јавни обвинители, социјални работници,  адвокати, претставници на невладините организации, на полицијата и на локалната самоуправа.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk