Конститутивна седница на Одборот за медијација  
     
 

12.09.2014

 
 

Министерот за правда на Република Македонија D-r Adnan Jashari денеска во просториите на министерството се обрати на седницата на која се конституира Одборот за медијација како законска обврска која произлегува од Законот за медијација.

„Имајќи ја предвид специфичноста на природата на одреден вид на спорови каде медијацијата се планира како задолжителна, традицијата во Република Македонија, културолошките потреби на популацијата на просторот на Република Македонија се наметна потребата од креирање на сосем нов профил на медијатори кои би постапувале во ваквите спорни ситуации, но и обезбедувањето на соодветен надзор или контрола над медијаторите кои ќе можат во иднина да одговорат на новите предизвици кои претстојат пред нив, и успешно да ја остваруваат својата задача“ рече D-r Adnan Jashari.

„Тука доаѓа клучната улога на Одборот, чии членови сте Вие и кому Владата даде доверба истиот да го изгради. Одборот е доказ дека Државата е свесна дека само со една професионална мултисекторска соработка и целосна посветеност кон решавање на проблемот е можно креирање на нов профил на медијатори, кои во целост ќе можат да одговорат на новите одговорности и предизвици“ потенцираше Министерот за Правда.

„Задолженијата на Одборот се бројни и нив законот децидно ги утврдува. Во оваа прилика ќе нагласам само неколку од нив кои во моментов се најбитни и најитни: организирање и спроведување на испитот за медијатори за прв пат и на електронски начин, издавање на првите лиценци, утврдување на условите и постапката за издавање на акредитации на програмите за обука на медијатори“, рече Jashari.

Со Законот за медијација од 2013 година се креира сосем поинаков систем на медијација во Република Македонија, систем кој ќе се темели на обезбедување, следење и оценување квалитетот на работите на медијацијата.

„Новото законско решение ја остава можноста медијацијата да се испроба пред започнувањето на судската постапка, но и во рамки на судската постапка. Уредена е и можноста за меѓународна медијација. Самата постапка за медијација не отстапува во голема мерка од старото законско решение, со исклучок на застојот на рокот за застареност во случај на постапка за медијација, и забраната за паралелно водење на судска постапка паралелно со постапката за медијација, а во правец на оневозможување на ситуации каде се можни целосно спротивни одлуки за една иста работа по која еднаш донел одлука судот, а друго се спогодиле странките по пат на медијација. Законски е уредена поддршката на Медијацијата од страна на Владата на РМ, која ќе носи четири годишна Програма за развој на медијацијата, но и ќе врши субвенционирање на првите 4 часа медијација. Најголеми измени се внесени во сферата на лиценцирање на медијаторите.“, додаде Jashari.

Креиран е систем на полагање на испит за медијатори, лиценцирање на медијаторите при што лиценцата се издава само на лицата со положен испит за медијатор кои ги исполнуваат и другите законски услови, а воведен е и психолошки тест и тест на интегритет со цел да се спречи влез на лица кои не поседуваат основни карактеристики за медијатор и не можат да ја стекнат довербата на страните- што е клучно за медијацијата гледана во целина.

Сосем на крајот Jashari рече дека Министерството за правда освен што има член во Одборот, согласно законот е ставено во улога на Секретаријат на Одборот и дека стои на располагање за соработка за сите потреби во правец на реализација на законските обврски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk