Реформи за полагање на правосудниот испит  
     
 

03.10.2014

 
 

Минатата година на почетокот на месец октомври беше донесен нов Закон за правосудниот испит, со кој коренито се промени системот на полагање на правосудниот испит. Со овој закон се воведоа многу значајни измени кои потоа беа пресликани и преземени од сите институции во однос на начинот на полагање на испитите кој го спроведуваат државните институции. Законот за правосудниот испит со кој се воведува електронско полагање на испитот почнува да се применува од 15 октомври оваа година.

За таа цел на 03.10.2014 година во Министерството за правда беше одржан состанок кој го водеше Министерот за правда Аднан Јашари, во врска со процесот на изготвување на прашања за новиот електронски начин на полагање на правосудниот испит. На состанокот присуствуваа изготвувачите на прашања едукатори во Академијата за судии и јавни обвинители и Комисијата за верификација на прашањата. На состанокот од страна на претставниците на компанијата кои ќе го спроведуваат електронското полагање на испитотбеше презентиран начинот за внесување на изготвените прашања во електронскиот систем.

Министерот за правда ги повика изготвувачите на прашања во процесот на изготвување да се посвети особено внимание бидејќи од квалитетот на изготвените прашања и одговори, ќе зависи и квалитетот на испитот, изразувајќи надеж декасо овој нов начин на полагање на правосудниот испит ќе се добијат идни генерации на правници со положен правосуден испит кои ќе можат самите сопствено да расудуваат во определени ситуации во текот на нивната кариера, односно луѓе кои ќе знаат и да го применат законот а не само теоретски да го владеат. Министерот ја потенцираше неговата цврста заложба но и заложбата на Министерството за правда прашањата и одговорите да бидат конструирани на начин што на истите би можел правилно да одговори кандидат кој ја разбрал материјата од соодветната област при подготовката на испитот, а не кандидат кој ја меморирал краткорочно книгата од која е изведено прашањето.

Првата испитна сесија согласно новиот Закон за правосуден испит се очекува да биде спроведена во месец декември оваа година.
 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk