Министерот за правда Михајло Маневски на средба на министрите за правда и внатрешни работи од земјите учеснички во Процесот на соработка  
     
 

13.04.2007

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски и заменик министерот за внатрешни работи Рефет Елмази присустуваат на состанок на министрите за правда и внатрешни работи во рамките на Процесот на соработка на земјите од југоисточна Европа на тема “Стандарди на Европската унија и Владеење на правото во југоисточна Европа” што се одржува во Загреб на 12 и13 април 2007.

Во рамките на состанокот се одржаа две тркалезни маси од областа на реформите во правосудството и борбата против корупцијата и судската соработка и регионалните иницијативи за поуспешно спроведување на реформите во споменатите области.

Министерот за правда Михајло Маневски говореше на тема борба против корупцијата и мерките што ги презема Република Македонија во надоградбата на законодавството и конкретните резултати во откривањето и гонењето на сторителите на овие кривични дела.  Тој направи осврт и на конкретните резултати постигнати на ова поле во изминатите неколку месеци.

Заменик  министерот за внатрешни работи Рефет Елмази говореше на тема борба против корупцијата и мерките што ги презема Министерството за внатрешни работи во насока на поефикасно справување со овој феномен, осврнувајќи се и на реформите во делот на организираниот криминал и регионалната соработка.

На маргините на состанокот, министерот за правда Михајло Маневски оствари мошне значајни билатерални средби со министерот за правда на Република Хрватска, Ана Ловрин, министерот за правда на Република Црна Гора, Мираш Радович и претседателот на колеџот на Еуројуст, Мајкл Кенеди од Хаг.

Министерот за правда Михајло Маневски и министерот за правда на Република Хрватска, Ана Ловрин ја реафирмираа заедничката заложба за континуирана соработка на полето на кривичното законодавство и реформите во правосудството.

Министерот Маневски на средбата со претседателот на Колеџот на Еуројуст, Мајкл Кенеди информираше за активностите кои Министерството за правда и Владата на Република Македонија ги презема со цел потпишување на Договорот за соработка помеѓу Република Македонија и Еуројуст.

Со министерот за правда на Република Црна Гора, Мираш Радович беше договорена размена на искуства во областа на европската интеграција и потпишување Меморандум за соработка како и взаемна посета на делегации од министерствата за правда од двете земји.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk