Венецијанската комисија ги повикува сите политички сили на дијалог за уставните измени  
     
 

16.10.2014

 
 

 - Венецијанската комисија ги повикува сите политички сили да започнат со конструктивен дијалог и соработка за време на натамошното разгледување на измените на Уставот на Република Македонија, истакна министерот за правда Аднан Јашари на денешната прес-конференција говорејќи за заклучоците кои се содржани во мислењето на ова советодавно тело на Советот на Европа.

Посочи дека посебно место во Нацрт-амандманите посветиле на бракот, бидејќи како што додаде, бракот и семејството се наоѓаат на врвот на пирамидата на општествените вредности во Македонија.

- Во однос на ова решение Венецијанската комисија наведува дека Европскиот суд за човекови права доследно смета дека член 12 од Европската конвенција за човекови права (право на брак) таквите прашања ги остава за регулирање на националното право на земјите-членки, рече Јашари.

Министерот за правда нагласи дека ги прифаќаат сугестиите на Венецијанската комисија кои се однесуваат на вонбрачната заедница и животното партнерство.

- Свесни сме за сензитивноста на оваа материја и нашите решенија содржани во предлог-амандманите ќе се движат во насока правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница да се уредат со закон што се донесува со дво-третинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, додаде Јашари.

Најголем дел од расправата, како што истакна, бил посветен на амандманот 34, со кој се уредува материјата за меѓународните финансиски зони.

Мислењата на Венецијанската комисија по однос на овој амандман, рече Јашари се целосно прифатливи и ќе бидат земени предвид при изготвувањето на Предлог амандманот, посебно во делот на суверенитетот и преземените меѓународни обврски на Република Македонија.

- Ќе дојде до редефинирање на нацрт-амандманот, во насока дека со предложениот амандман ќе се даде можност со закон да бидат основани меѓунородни финансиски зони и дека со законот ќе бидат уредени односите во рамки на самата зона, појасни заменик мистерката за правда Билјана Бришковска-Бошковски.

Јашари истакна дека прифатените решенија во делот на прописите за спречувањето перење пари и финансирање тероризам во зоната ќе бидат согласно сите меѓународни стандарди.

- Во сферата на финансиите како резултат од глобалната финансиска криза одредени држави членки н ЕУ заради превенција на зголемување на јавниот долг и буџетскиот дефицит пристапија кон уредување на оваа материја во нивните устави, додаде Јашари.

Во однос на забелешките на Комсијата за овој амандман, како што рече Јашари доставени се коментари со образложение кои беа прифатени. - Тоа посебно се однесуваше на терминот јавен долг, каде што од наша страна беше нагласено дека споредено со земјите во ЕУ и регионот, Република Македонија има најширок опфат на јавниот долг, додаде министерот за правда.

Венецијанската комисија, како што рече, ги прифатила аргументите кои им ги дале за употребата на термининот „фискална политика“.

Комисијата ги прифатила и немала суштински забелешки на амандманите кои се однесуваат на Државниот завод за ревизија и за Народната банка.

Јашари истакна дека еден од врвните приоритети на Владата на РМ е создавањето нормативни предуслови за натамошно јакнење на независноста на судството.

- Сугестијата на Венецијанската комисија за тоа дека членовите избрани од Собранието на РМ и предложени од претседателот на РМ не треба да бидат од редот на активни судии е прифатлива и ќе биде инкорпорирана во текстот на Предлог-амандманите, нагласи Јашари.

Тој посочи дека заради зголемување на професионалните капацитети на Судскиот совет со закон ќе се дефинираат високи конкретни критериуми, кои ќе се базираат на документите на Венецијанската комисија, за членовите на ова тело.

Говорејќи за амандманот 39, со кој се уредува материјата и за уставната тужба, Јашари истакна дека е прифатено постапката пред Уставниот суд да биде уредена со соодветен закон . - Прифатливи се и забелешките за исклучување на „вонредните правни лекови“ од овој амандман, како и појаснување дека уставната тужба може да се поднесе и против судските одлуки, рече Јашари и додаде дека во Законот за судовите е пропишано дека судовите се државни органи.

Министерот за правда истакна дека добиените мислења од Венецијанската комисија, од другите органи и изнесените сугестии за јавната расправа се предмет на поширока анализа заради нивно инкорпорирање во текстот на Предлог-амандманите што ќе бидат доставени на усвојување во Собранието на РМ. Предлог-амандманите на Уставот на Република Македонија ќе бидат утврдени на седница на Владата.

Одговарајќи на новинарско прашање за забелешката на Венецијанската комисија дека сега во отсуство на опозицијата, не е добар момент за воведување уставни амандмани, министерот Јашари рече дека актуелната власт има доволно гласови во Парламентот за да се донесат уставните амандмани.

- Не би сакал да се впуштам во политички анализи и политички ставови, додаде Јашари. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk