Свечена академија по повод одржувањето на нотарските денови  
     
 

17.10.2014

 
 

 - Воведувањето на нотаријатот придонесе за поефикасно функционирање на правниот систем во Македонија, се обезбеди превентивна правна заштита и намалување на споровите помеѓу странките, поголема правна сигурност во остварување и заштита на правата и интересите на граѓаните и правните лица и растоваување на судовите од неспорните граѓанско правни работи. Ова го истакна министерот за правда Аднан Јашари денеска на свечената академија организирана по повод одржувањето на нотарските денови.

Нотаријатот, како што посочи, е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања, врз основа на закон, при што нотарот работите од својот делокруг ги врши независно, самостојно, непристрасно и стручно, врз основа на закон, други прописи и општи акти засновани на закон.

Министерот Јашари рече дека од 2008 година нотарите успешно ја извршуваат својата должност и во спроведувањето на оставинските постапки како повереници на судот во однос на оставинските предмети, кои не се спорни.

- Нотарите од 1 јули 2011 година по барање на доверителите донесуваат и решенија со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојни исправи, а од 2012 година добија и нова надлежност односно по електронски пат да составуваат задолжници преку системот за водење Регистар на задолжници кој го води Централниот регистар на РМ и ги солемнизираат согласно одредбите од Законот за нотаријатот, додаде Јашари.

Претседателот на Меѓународната унија на латинскиот нотаријат Даниел Сенгор рече дека македонскиот нотаријат е вреден за целокупната унија, бидејќи успеа да постигне вредни цели во служба на професијата во оваа држава.

Македонија е членка на Меѓународната унија на нотаријатот од  2001 година, а во неа членуваат 86 земји од петте континенти. - Во Унијата се вклучени 300 илјади нотари и два милиони соработници низ целиот свет. Тие  изготвуваа повеќе од 400 милиони јавни документи на годишно ниво, рече Сенгор.

Тој ги нарече нотарите легионери на мирот и додаде дека нивната главна активност е  да одговорат на најосновните потреби од општеството како што се правната сигурност, транспарентноста и избегнувањето на утужувањето во врска со договорните односи.

- Мисијата на нотарите е да се унапреди нивниот статус во јавни службеници, да се регулира бројот на нотари и точното место на нивното делување, стрикно да се дефинираат нивните задачи кои се потребни за точно да се знае во која област да делуваат, како и да постојат задолжителни тарифи кои се користат на ниво на сите нотари на државата, рече Сенгор.

Нотарите, нагласи Сенгор, мора да бидат апсолутно независни, неутрални и непристрасни во извршувањето на своите стручни активности при давањето на совети и при предлагањето на решение. - Нотарот претставува правен советник во еден предмет и треба да делува како медијатор со цел да обезбеди една балансирана договорна посветеност чиј акт на крај ќе го завери, додаде тој.

Претседателката на Нотарската комора на РМ Зорица Пулејкова истакна дека досегашната скоро 16-годишна  работа на нотарите позитивно се одрази врз целокупното функционирање на правниот систем во државата.

Со работата на нотарите, како што рече, се овозможи олеснување на правниот промет, полесен и поекономичен пристап кон правните услуги кои претходно ги даваат судовите, како и давање нови правни услуги кои имаат влијание врз унапредување на превентивната правна заштита. - Ова најдобро се гледа во постапките за промет со недвижности каде што благодарение на соработката  на нотарите и Агенцијата за катастар на недвижности можностите за злоупотреби во оваа област кои во минатото беа чести сега се сведени на минимум, истакна Пулејкова.

Нотаријатот е јавна служба која во правниот систем на Република Македонија постои и дејствува скоро 16 години. Основна карактеристика на нотаријатот во Македонија е што е прифатен латинскиот тип на нотаријат кој преовладува во земјите од Европската унија.

Во Македонија од вкупно 220 предвидени нотарски места согласно Правилникот за бројот и распоредот на службените седишта на нотарите, пополнети се 184 нотарски места, која бројка, како што рече министерот Јашари, и понатаму ќе се пополнува таму каде што ќе оцениме дека има потреба, заради ефикасно остварување на правата и интересите на граѓаните и правните лица.

На свечената академија присуствуваа поранешниот министер за правда Михајло Маневски, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, претседателката на Судскиот совет на РМ Александра Зафировска, претседателот на Комората на извршители Зоран Петревски, како и судии од апелациските и основните судови, судии во пензија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk