СООПШТЕНИЕ од работната средба на Министерот за правда со претставници на Синдикатот на УПОЗ  
     
 

15.05.2015

 
 

Денес Министерот за правда Аднан Јашари оствари работна средба со претставници на Синдикатот на УПОЗ, односно со Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски, Генералниот секретар Трпе Деаноски и Претседателот на одборот за КПУ и ВПУ Звонимир Бошњак. На средбата се разговараше за законските одредби кои се на штета на работниците од правосудството и отпочнување со преговори за склучување на колективен договор за правосудните органи.

Министерот Јашари ги информираше претставниците на Синдикатот дека Министерството за правда веќе постапило по порано доставените забелешки од претходните средби и истите биле доставени до Владата на Р. Македонија во вид на информација со цел измена на некои одредби од Законот за судска служба.

Во врска со колективните договори, Синдикатот на УПОЗ до министерот за правда достави грански колективен договор за правосудните органи и побара започнување на преговори и формирање работни групи од министерството и Синдикатот. Министерот презеде мерки до среда 20.05.2015 година, до Владата на Р. Македонија да се испрати информација со која да се побара од Владата одобрение за отпочнување на преговори и потпишување на колективен договор за правосудните органи.

Министерот исто така беше запознат и со проблемите на вработените во КПУ и ВПУ, односно дека се уште не е отпочната примената на Законот за извршување на санкции, со што на вработените им се нанесува финансиска штета во делот на платите. Во однос на ова прашање министерот заклучи дека за овој надминување на овој проблем во најкраток рок ќе се закаже нова средба на која ќе учествува и Директорката на управата за извршување на санкции со цел да се изнајде конечно решение.

Синдикатот на УПОЗ и министерот за правда искажаа заеднички став и го потврдија фактот дека добрата комуникација меѓу социјалните партнери ќе значи подобрување на условите за работа во правосудните органи и во Министерството за правда. За таа цел кон крајот на овој месец ќе се одржи уште една работна средба до кога би требало да се добие одговорот од Владата на Р. Македонија во врска со отпочнувањето на колективното преговарање.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk