Министерот за правда Аднан Јашари учествуваше на тркалезната маса на тема „Улогата на Судскиот совет и на највисоките судови во заштитата на судиите  
     
 

28.09.2015

 
 

Министерот Аднан Јашари денеска учествуваше на тркалезна  маса каде беа присутни и Претседателот на Судскиот совет на РМ г. Бранко Ушковски, Претседателот на Врховниот суд на РМ г-ѓа Лидија Неделкова како и други високи претставници од судството.

 

 Судскиот совет ја има задачата за заштита на независноста на судскиот систем и независноста на судиите што треба да им овозможи на поединечните судии да ги извршуваат своите функции надвор од секаква контрола на извршната и законодавната власт и без притисоци.

 

  Во таа насока, Судскиот совет е должен да ја брани од секаков надворешен притисок или предрасуди од политичка, идеолошка или културна природа неограничената слобода на судиите да одлучуваат по своите предмети непристрасно, во согласност со својата совест и сопствената интерпретација на фактите и во согласност со владеењето на правото.

 

 Воедно, Судскиот совет треба да има овластување не само јавно да ги искажува своите ставови, туку и да ги преземе неопходните чекори пред јавноста, политичките власти и секаде каде што е потребно да ја заштити репутацијата на судската институција, односно нејзините членови.

 

 Препораката CM/REC (2010) 12 на Комитетот на министри на Советот на Европа за независност, ефикасност и одговорност на судиите со осумте поглавја ги определи основните начела врз основа на кои треба да се базира судството, со цел заедничка судска култура помеѓу различните правни системи и судски структури во државите членки.

 

 Нашата домашна правна рамка е целосно усогласена со овие начела, тргнувајќи од Уставот на Република Македонија, Законот за Судскиот совет на Република Македонија, Законот за судовите и процесните закони.

 

 Надворешната независност, односно одвоеноста на судството од другите две власти, како и на индивидуалната независност и самостојност на судиите се клучната компонента за владеењето на правото. Притоа, поделбата на власта, владеењето на правото и целите и функциите на судството се регулирани со Уставот на Република Македонија и Законот за судовите.

 

 Во рамките на внатрешната независност, која се однесува на прашањата поврзани со независноста на судиите во рамките на судството, преку одредбите од Законот за судовите за забрана на секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судијата во вршењето на судиската функција по кој било основ и од кој било субјект, како и одредбите за односот помеѓу судовите од различен степен, се обезбедува целосна усогласеност со оваа препорака.

 

 На крај, со цел заштита и унапредување на правата и интересите на судиите со Законот за судовите се овозможува судиите да основаат здруженија за остварување на таа цел, како и предизвикот за поврзување со мрежата на судии од другите држави.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk