Министерот за правда Михајло Маневски денеска се сретна со претседателот на Европското здружение на правници судијата г.Проковен.
На средбата министерот Маневски го информираше г.Проковен за интензивните активности кои ги презеде министерството во изминатиот неколкумесечен период. Министерот Маневски истакна дека се подготвени и донесени измени и дополнувања на околу триесетина закони. По донесувањето на пакетот реформски закони пристапено е кон нивна имплементација како и вршење надзор врз спроведувањето.
Министерот Маневски се осврна и на останатите проекти на министерството како што се Академијата за судии и јавни обвинители, ИТ центарот на Министерството за правда , пенитенцијарните и други реформи кои се реализираат и се спроведуваат во министерството со финансиска и експертска поддршка на меѓународните организации и претставништва.
Судијата Проковен ја изрази својата импресионираност од преземените активности и постигнатите резултати кои Република Македонија ги бележи на полето на реформите во правосудството во изминатите години. Во таа насока г.Проковен сугерирал што побрзо пополнување на празните места во Академијата заради обемот на работа и нејзино подобро функционирање.
Министерот Маневски се заблагодари на забелешката и извести дека ќе продолжи да се залага за понатамошна афирмација и реализација на активностите во Академијата, која преставува еден од приоритетите поради несомнената важност за едукација на судиите и јавните обвинители.