Министерот за правда Аднан Јашари учествуваше на Конференција на тема “Презентација на Националната Стратегија за развој на пенитенцијарниот систем“  
     
 

29.09.2015

 
 

Во ова конференција освен министерот Јашари, беа присутни и амбасадорот на ЕУ г. Аиво Орав и претставници на Европскиот совет за ова област г. Иван Коеџиков.

Република Македонија како земја кандидат за членство во Европската Унија се соочува со бројни предизвици за ефикасно спроведување на крупни реформски активности, како во политичкиот и економскиот, така и во казнено - правниот систем во државата.  

Особено значаен дел од реформата на казнено - правниот систем претставува развојот на пенитенцијарниот систем, што е една од приоретните цели на Владата на Република Македонија што ќе придонесе кон создавање на функционален систем на извршување на санкциите кој ќе обезбеди успешна ресоцијализација и социјална адаптација на осудените лица и нивно реинтегрирање во слободното општество. 

Морам да истакнам дека за мене како министер претставува особено задоволство што за прв пат во сферата на затворскиот систем во Република Македонија е изготвен стратешки документ на национално ниво кој го трасира патот за понатамошниот развој на целокупниот затворски систем и е во согласност со сите меѓународни стандарди и практики од областа на извршувањето на санкциите. 

При изработката на Националната Стратегија е обезбедена целосна усогласеност и конзистентност на приоритетите и целите на Министерството за правда - Управата за извршување на санкциите и Владата на Република Македонија, што во иднина обезбедува силна поддршка за успешна имплементација на Националната Стратегија, изјави министерот Јашари. 

Активностите од ова Стратегија е предвидено да се реализираат во временски период од пет години почнувајќи од 2015 година.

Генерално земено, главниот фокус на реформите во пенитенцијарниот систем во Република Македонија, кои Министерството за правда - Управата за извршување на санкциите ќе ги презема на долг рок се насочени на четири клучни полиња на развој: - Унапредување на ефективноста и ефикасноста на пенитенцијарниот систем во РМ, - Подобрување на начинот на постапување со целосно почитување на човековите права и достоинството на лицата лишени од слобода во казнено -поправните и воспитно - поправните установи, - Ресоцијализација на осудените и малолетните лица и нивна успешна реинтеграција во општеството, - Подобрување на условите и намалување на преполнетоста во казнено - поправните и воспитно -поправните установи.

И сосема на крај, дозволете ми да истакнам дека Владата на Република Македонија и понатаму ќе продолжи да ги поддржува реформите во пенитенцијарниот систем во Република Македонија со цел да добиеме затвори според европски стандарди, што во крајна мера ќе придонесе кон подобрување на безбедноста во општеството.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk