Љубљана , Словенија - Пријателска посета на министерот Јашари на Република Словенија  
     
 

02.10.2015

 
 

Министерот за правда г. Аднан Јашари оствари службена посета на Република Словенија каде се сретна со неговиот колега г. Горан Клеменчич и претседателот на Врховниот суд г. Бранко Маслеша.

 

 На средбата министерот Јашари меѓу другото изјави: „Големо е задоволството за мене како министер што ка ги посетувам институциите за правда на Словенија, земајќи во предвид дека токму вашата земја е добар пример за следење во однос на исполнувањето на конкретните задолженија во правосудството за зачленување на земјата во НАТО И ЕУ. Тој понатаму истакна дека двете земји се залагаат за понатамошно јакнење и развој на билатералните односи во духот на пријателството и постојаната соработка.

 

 Во текот на средбата министерот Јашари го информираше г. Клеменчич за акциониот план за реформите во судството кои сега се претставени и пред домашната и меѓународната јавност.

 

 И министерот г. Горан Клеменчич пред министерот Јашари ги презентираше активностите кои се реализираат од Министерството за правда на Словенија во однос на борбата против криминалот, корупцијата и независноста на судството.

 

 На средбата меѓу двајцата министри се дискутираше и ретроспективно за соработката меѓу двете земји каде министерот Јашари ги потенцираше билатералните договори кои Република Македонија и Република Словенија ги имаат потпишано на 06.02.1996 во Скопје, кои стапиле во сила на 05.09.1997 и веднаш почнале да се применуваат.

 

 Министерот Јашари оствари средба и со претседателот на Врховниот суд во Словенија, г. Бранко Маслеша.

 

 Министерот Јашари и г. Маслеша на оваа средба разговараа за судската соработка меѓу двете земји и за мултилатералните конвенции кои се ратификувани, како и за продолжувањето на соработката и разменувањето на искуствата меѓу двете земји.

 

 Двајцата соговорници се согласија дека почитувањето на овие конвенции и договори од страна на двете земји, овозможува да се зајакне меѓународната соработка во кривичната материја, особено од областа на соочувањето со криминалот. Исто така преку ова имплементирање ќе се овозможи поефикасна и брза судска постапка, како во кривичната така и во граѓанската материја.

 На крај на средбите на Министерот за правда на Република Македонија г. Аднан Јашари, заблагодарувајќи се за гостопримството и спремноста за соработка, упати покана до неговиот колега г. Горан Клеменчич и до претседателот на Врховниот суд г. Бранко Маслеша, за нивна посета во Република Македонија.
 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk