Меѓународна конференција на тема: „Меѓународните и регионални добри практики за заштита на пријавувачите - whistleblowers“  
     
 

14.10.2015

 
 

Министерот за правда Аднан Јашари денес учествуваше на една меѓународна конференција организирана од страна на Транспаренси Интернешнл каде беа присутни амбасадорот на Кралството Холандија г.  Wouter Plomp, г. Фатмир Бесими – вицепремиер за Европски прашања, г-ѓа An Sheltema Beadin директорка на Транспаренси Интернешнл на Холандија и многу експерти од различни области.

 

 Министерот за правда во неговото излагање рече:

 

Министерството за правда на крајот на 2013 година, односно почетокот на 2014 година, започна процес на изготвување текст на измени и дополнувања на Законот за спречување на корупцијата во насока на воведување систем на интегритет и во негови рамки системска институционална заштита на укажувачи (уислблоуер протекшн) во јавниот и приватниот сектор. 

При дефинирањето на терминот „укажувач“ се зазема посеопфатен и поширок „европски“ приод, кој е во согласност со препораки на релевантни меѓународни институции, при што укажувач е не само лице кое пријавува сомневање или сознание за извршено, или дека се извршува или е веројатно дека ќе се изврши дело на корупција, односно кривично дело против службената должност, туку и друго незаконито и недозволиво постапување со кое се загрозува јавниот интерес.

   

Важно е да се напомене дека во периодот на изготвување на текстот на повлечениот Предлог на закон, релевантната препорака на Совет на Европа беше во нацрт-верзија, а утврдениот текст на предлог на закон беше повлечен од собраниска постапка заради добивање мислење од Европската комисија.

 

По добивањето на мислењето од Европската комисија и усвојувањето на релевантната препорака од Комитетот на министри на Совет на Европа на 30-ти април 2014 година, дополнително се обезбедија компаративни анализи за легислативата за заштитата на укажувачите во земји членки на Европската унија, а по добивање на препораките од германските експерти во рамки на ИПА2010 Твининг проектот „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“ се формираше Работна група во проширен состав за анализа и изготвување измени и дополнувања на Законот за спречување на корупцијата и на Законот за спречување судир на интереси.

 

Така, во рамки на работата на спомената Работна група, повлечениот предлог на закон беше предмет на дополнителна анализа, а во насока на повторно отворање на процесот за изготвување на ново законско решение за воведување системска институционална заштита на лицата кои пријавуваат сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши казниво или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес.

 

Уставот на Република Македонија утврдува право на секој граѓанин да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и по нив да добие одговор.

 

Граѓанинот не може да биде повикан на одговорност, ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив сторил кривично дело.

  

Иако во Република Македонија не е донесен специфично посветен Закон за заштита на укажувачи односно пријавувачи, одредени законски одредби од различни закони, како што се Законот за спречување на корупцијата, Кривичниот законик, Законот за работните односи, Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Законот за заштита од вознемирување на работно место, утврдуваат базична заштита.

 

Според Извештајот Глобален барометар за корупција на Транспаренси Интернешнл, 2013 година, 82% од анкетираните македонски граѓани изјавиле дека би пријавиле случај на корупција, а 54 % од нив тоа би го направиле до државни тела за борба против корупцијата или на телефонска линија за пријавување.  Додека пак, од анкетираните граѓани кои одговориле дека не би пријавиле случај на корупција, 44 % не би пријавиле поради обесхрабреност , 32% се плашат од последици, 9 % не знаат каде да пријават, а останатите 15% имаат други причини.

 

Имајќи ги предвид овие резултати, како и резултатите од слични спроведени анкети, имаме причини да очекуваме дека со воведувањето на системската институционална заштита на укажувачите ќе се зголеми бројот на пријави за случаи на корупција.

 

На крај министерот Јашари додаде:

 

Би сакал да истакнам дека Борбата против корупцијата останува стратешки приоритет и антикорупциските активности не запираат.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk