Промоција на Билтенот на судската пракса на ЕСЧП во издание на Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ) и Биро за застапување на РМ  
     
 

22.10.2015

 
 

Денеска со почеток во 12,00 часот во просториите на Министерствотo за правда се одржа промоција на првиот број на Правниот билтен на судската пракса на ЕСЧП во издание на Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП и Германската фондација за меѓународна правна соработка, регистрир. здруж. (ИРЗ).

Во рамките на промоцијата свои обраќања имаа д-р Штефан Пирнер, Регионален проектен раководител на ИРЗ задолжен за подрачјето на Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора; како и м-р Костадин Богданов, В.Д. Директор на Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП- Владин Агент. На настанот присуствуваа Директорот на Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија, г-ѓа Анета Арнаудовска, како и поголем број претседатели и судии на основните и апелационите судови во РМ.

Правниот билтен има за цел да придонесе кон поуспешна примена на стандардите на Европската конвенција за човекови права од страна на националните судови во Република Македонија.

Овој Правен Билтен ќе претставува форма на информирање  во редовни временски интервали, односно на секои шест месеци на македонската стручна и општа јавност за судската пракса на Судот во Стразбур, како и за други актуелни теми во врска со ЕКЧП. Билтенот пред сè ќе се дистрибуира во електронска форма, но тој истовремено ќе биде дисеминиран и до сите судии во земјата со посредство на Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП. На тој начин ќе се создаде средство за информирање на домашните судии и обвинители кој ќе известува без одлагање и ќе биде бесплатен за адресатите.

Првиот број на Билтенот се состои исклучиво од пресуди на ЕСЧП. Меѓутоа, за идните броеви корисниците се поканети да доставуваат и свои трудови на теми во врска со ЕКЧП, коментари на пресудите на ЕСЧП, како и извештаи за одржани настани на теми од областа на човековите права или прикази на публикации на вакви теми.

Инаку, ИРЗ е основана во 1992 година на иницијатива на тогашниот сојузен министер за правда д-р Клаус Кинкел со цел, по одлука на Владата на Сојузна Република Германија, за да ги поддржи поранешните социјалистички држави во транзицијата на нивниот правен систем. Таа е активна во областа на законодавните советувања, обуката на правниците, како и издавањето на правни публикации во речиси 30 држави од светот, меѓу кои и некои држави во Азија и Северна Африка. Во Југоисточна Европа дејствува од 2000 година со средства на Министерството за надворешни работи на СР Германија како дел од германскиот придонес кон Пактот за стабилност за Југоисточна Европа. Во тие рамки, ИРЗ во Македонија има голем број допирни точки со дејноста на Владиниот агент.

Така, ИРЗ веќе четврта година по ред го издава списанието „Европско право“, кое содржи и рубрика насловена „Европските човекови права и судската практика на ЕСЧП“ (достапно на www.evropskopravo.info и на веб-страницата на ИРЗ www.irz.de). Истовремено, ИРЗ од 2007 година во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители редовно одржува семинари на различни теми во областа на ЕКЧП. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk