Свечена академија по повод 70 – годишнината од основањето на Врховниот суд на Република Македонија  
     
 

29.10.2015

 
 

Министерот за правда Аднан Јашари денеска учествуваше на Свечената академија организирана од страна на Врховниот суд во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, по повод 70 – годишнината од основањето на Врховниот суд на Република Македонија.

Министерот Јашари во неговото обраќање нагласи дека функцијата и позицијата на Врховниот суд на Република Македонија во судскиот систем поставена согласно Уставот на Република Македонија овозможува да се обезбеди и гарантира независноста на судството, владеењето на правото, како и унапредувањето и заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот.

Седумдесет години постоење и функционирање на Врховниот суд на Република Македонија рече Јашари е доволен период за негово целосно општествено афирмирање и функционирање како и потврда за неговиот придонес во заштитата на човековите слободи и права, преку кои непосредно доаѓаат до израз почитувањето на достоинството, еднаквите и неотуѓиви права на сите граѓани, како општоприфатени национални и меѓународни стандарди.

Јашари притоа потенцираше дека единството во примената на законите е возможно со остварувањето на функцијата на Врховниот суд преку донесените и утврдени начелни ставови и начелни правни мислења по одделните правни прашања кои придонесуваат кон унапредувањето на судската практика и усогласеноста на примената на законите од страна на судовите, со што се обезбедува правната сигурност на граѓаните и довербата во судскиот систем.

Дополнително додаде Јашари, следењето на праксата на Европскиот суд за човекови права, која полека но сигурно станува извор на правото во Република Македонија, е предизвик повеќе со кој се истакнува потребата од активната и водечка улога на Врховниот суд во судскиот систем на Република Македонија.

Во текот на своето постоење овој суд успешно се справува со предизвиците и реформите кое времето ги носи со себе, како носечки двигател на судскиот систем во Република Македонија , констатираше на крајот од своето излагање министерот Јашари.

По овој повод Министерот Јашари посака уште долги години успешна работа и соработка со судовите во регионот и пошироко.

На ова Свечена академија беа присутни и претседателот на Собранието на РМ г. Трајко Велјановски, претседателот на Врховниот суд г-ѓа Лидија Неделкова, претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, претседатели и судии од врховните судови на Албанија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина и др.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk