Меѓународна научна конференција на тема „Функционирањето на правната држава во Југоисточна Европа“  
     
 

30.10.2015

 
 

Министерот за правда Аднан Јашари денеска учествуваше  на Меѓународна научна конференција на тема „Функционирањето на правната држава во Југоисточна Европа“ организирано до страна на Колеџот ААБ од Приштина и на Факултетот  за  криминалистика, криминологија и безбедносни   студии  на  Универзитетот  во Сараево.

Моментот на организирање на оваа конференција истакна министерот Јашари  се совпаѓа со клучниот момент од реализацијата на активностите што сите држави од регионот ги преземаат на патот кон нивното интегрирање во Европската унија.

Нашата определба за членство во Европската Унија е недвосмислена истакна Јашари. Формалните аспекти од овој процес се само почетниот чекор што го правиме. Имплементацијата на вредностите на Европската унија, нашата подготвеност за прифаќање и почитување на европските стандарди, свеста и брзината со која тоа ќе го постигнеме се основните критериуми според кои ќе бидат оценувани нашите резултати на патот кон заедничкиот европски дом.

Јашари потенцираше дека еден од клучните сегменти на владеењето на правото е независноста на судството. Прифаќањето и респектирањето на овој фундаментален принцип овозможува јакнење на институционалната култура на владеењето на правото и унапредување на системот на правосудството, што придонесува за постојано зголемување на довербата во правниот систем рече Јашари и додаде дека јакнењето на положбата на независното судство произлегува од потребата за обезбедување заштита на правата на граѓаните против можните злоупотреби од страна на државата или групите за притисок.

Ефикасноста и успешноста на функционирањето на правниот систем не зависат единствено од донесувањето закони и усвојување програми, стратегии и акциони планови - без разлика колку тие и да се амбициозни и сеопфатни рече Јашари. Неопходно е нив да ги следи подигање на свеста во општеството што ќе овозможи мобилизирање на сите расположливи потенцијали за прифаќање и почитување на системот на вредности втемелен врз принципот на владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Напорите што ги прави науката, преку организирање и на меѓународни конференции како што е оваа, имаат голем придонес во достигнувањето на целите кон кои се стремиме на нашиот пат кон Европа на која и припаѓаме не само географски, туку и цивилизациски потсети  министерот Јашари.

Следниот наш приоритет претставува борбата против организираниот криминал и корупцијата истакна тој. Современите трендови во регионални и глобални, а особено во национални рамки укажуваат на пораст на овие општествени зла. Досегашните искуства предупредуваат дека традиционалните методи на борба, особено кога се ограничени само на национално ниво, по правило не ги даваат очекуваните резултати. Ниту една држава не може да го избегне глобалниот феномен на организираниот криминал и корупцијата. Тие се манифестираат и со специфики кои произлегуваат од нашата географска положба  и од економските и социјалните услови. Успешноста во борбата против овие две, можеби најголеми зла на денешницава ќе зависи, пред се, од меѓународната соработка на државите од регионот рече Јашари.

Своето  обраќање министерот Јашари го заврши со  познатата римска сентенца: justiciaestcuique sum tribere– правда е секому да му се даде она што му припаѓа. Оваа обврска за обезбедување на правдата претставува наша заедничка цел рече Јашари и додаде дека гарантирањето на независноста на судството како основен услов за нејзиното оживотворување најавтентично се отсликува во нивото на демократскиот развој на секое општеството.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk