Излагање на министерот за правда Михајло Маневски на презентацијата на државната програма за превенција и репресија на корупцијата  
     
 

12.07.2007

 
 

 Дами и господа, уважени гости:

                   Ви благодарам што ме поканивте и овозможивте  да Ви се обратам на овој свечен чин на презентирање на Државната програма за превенција и репресија на корупцијата. Ве поздравувам од името на Министерството за правда и Ви посакувам  плодна и успешна работа.

                   Се сеќавам и самиот,  како член на првата Државна антикорупциска комисија, кога пред повеќе од четири години беше подготвувана и донесена  првата Програма за превенција и репресија на  корупцијата.

                   Тоа беше првиот обид  да се премине од вербални заложби кон конкретно програмирана активност за  превенција и репресија на корупцијата.

                   Имаше многу недоверие, многу скептици, а имаше и големи отпори кон тоа што го правевме и што планиравме да го спроведеме во Програмата.

                   Ќе  имате ли сила, не прашуваа,  ова што го  планирате да го спроведете?  Ќе ве сопнат на првиот чекор што ќе го направите.  Со глава ѕид не се руши, што се занесувате! Многу скептици, колебливци  и нагласени отпори. Но,  тоа не не поколеба во  мерките што ги преземаме за реализација на Програмата. Напротив, колку беа посилни отпорите, толку беше посилна вербата дека сме го одбрале вистинскиот пат.

                   Не беше лесно,  а верувам дека нема да биде лесно и во наредниот  период да се води успешна борба против корупцијата.

                    Борбата против корупцијата и организираниот криминал е тешка и макотрпна работа.  Да немаме илузии дека таа борба лесно се добива.  Да имаше барем  минимум политичка  воља, немаше да го допреме дното во еден бесконечно долг транзиционен период, кој се карактеризира со голем број криминални приватизации на општествениот капитал,  криминал и корупција, кои достигнаа огромни размери и кои го загрозија не само демократскиот, туку и економско-социјалниот развој на државата.

                   Сто и третото место  на Република Македонија во перцепцијата на корупцијата  во светот е срам  и најдобар доказ  за сето тоа  до каде допревме.  Веројатно подолу и не можеше.  На Република Македонија не и е таму местото.

                     Наспроти  големиот број на невработени и социјални потреси, како резултат на незаконитата приватизација и грабеж од огромни размери и со тешки последици,  се создаде една група на  економско финансиска  олигархија која стекна огромно богатство што не може да се стекне со труд и работа  за повеќе децении и од повеќе генерации. Се стекна и со политичка моќ и  не  и одговора ова што се презема  во борбата против  корупцијата.

                   Се опљачкаа огромни материјални средства.  Последиците  секојдневно ги чуствуваат особено   тешко  и болно транзиционите жртви на корупцијата и криминалот,  чесни граѓани кои ги изгубија работните места, кои останаа и без работа и без пензија и без средства за живот.  Пуста остана нивната надеж повеќе од една деценија дека ќе се поведе  енергична и бескомпромисна борба  против корупцијата и криминалот  и дека барем нешто ќе се спаси, ако не друго барем образот. Кој требаше тоа да го направи и со какви средства, кога немаше ни елементарна  политичка борба да се направи барем нешто што ке наликува  на реална желба и воља за борба против корупцијата.

                   Долго време се се сведуваше на лажни ветувања, инертност, нефукционалност, политички реваншизам  и влијанија во вршењето на функциите на органите на власта кои беа основани за борба против корупцијата.

                   И денес отпорите во вршењето на функциите во спречувањето на корупцијата и криминалот не се надминати.  Отпорите и денес се чуствуваат преку нагласување на наводни  пречекорувања на  овластувањата кои ги преземаат легитимните органи во борбата против корупцијата, се приговара на наводно високи казни и мерки, за наводно голем број на притвори и непочитување на човековите права,  на поставување на легитимни барања да се задржи постојната состојба во институциите на власта и особено во  органите на гонењето, така што  секое померување на вработени во тие институции будно се следи и му се става политичка  боја.

                   Тешко се кршат отпорите, но битно е тоа дека веќе отпорите се кршат.

                   Владата на Република Македонија  изразува конкретна и целосна подготвеност и реална политичка воља со конкретни мерки и активности да стави крај на ова зло кое остава  грда слика за државата и тешко ги повредува правата на граѓаните.

                   Напредокот што е постигнат во борбата против корупцијата  охрабрува  за натамошна  одлучна и бескопромисна борба против корупцијата со сите сили и сите законски средства.

                   Бачилото како синоним на корупцијата се врежа во свеста на граѓаните, се подигна јавната свест како  најголем сојузник во борбата против корупцијата, се поуспешно се кршат отпорите.

                   Ништо не може и ништо не смее  да не тргне од патот  за конкретна и ефикасна борба против корупцијата која веќе дава и конкретни и ефикасни резултати.

                   Имотот што е одземен од граѓаните со криминални дела мора да се врати со легални  средства и мерки на заплена  и конфискација,  да се врати на тие на кои им припаѓа и од кои нелегално е одземена, имот засолнет во тајни банкарски сметки или банкарски трезори.

                   Со новите измени  во Законот за спречување на корупцијата се префрла теретот на докажување од државниот орган на лицето против кое се води постапка за  испитување на имот и имотна состојба на определено лице.

                   Следењето на трагата на парите е ефикасен начин да се утврди легалноста на стекнатиот имот. Имот  за кој не може да се докаже од каде потекнува  ќе биде предмет на  законска процедура на оданочување со персонален данок и пленување во согласност со одредбите  за спречување на корупцијата и Кривичниот законик.

                   Се внесуваат нови кривични дела во Кривичниот законик  за заштита  и одговорност за корупциски кривични дела. Се иновира казненото законодавство и со нови закони за спречување на судирот на интереси, Законот за кривичната постапка и други закони од областа на финансиите за ефикасна  превенција и репресија на корупцијата.

                   Ќе бидеме многу посупешни ако се работи координирано, со целосна соработка помеѓу специјализираните органи и тела ,  со Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи, Државниот завод за ревизија, Дирекцијата за спречување  и перење пари, Царинската управа, Финансиската полиција, Банките и другии органи.  Се разбира сето тоа и со активна координирана  и насочувачка  функција на јавниот обвинител,  кој добива нови  овластувања и нови ингеренции и се очекува  да се постигнуваат и  поефикасни резултати во гонењето.

                   Долго и макотрпно работевте на Државната програма која денес ќе се презентира и со помош на  меѓународни организации (УСАИД) за што искрено сакам да ви изразам благодарност.

                   Тоа е едниот дел на работите и се надевам дека и со искуствата што ги стекна Државната комисија во изминатиот четиригодишен период со довербата во граѓаните, ќе се тргне  одлучно кон имплементација на програмата.

                   Акциониот план на Владата за борба против корупцијата и  Државната програма се заеднички цел. Тоа е исто така и програма на Владата. 

                   Токму поради тоа, дозволете ми во ова прилика  да ги повикам сите субјекти целосно и активно да ги преземат мерките што ги содржи ова програма и да дадат целосен придонес во натамошната борба против корупцијата.

                   Но,  истовремено сакам да укажам на тоа  дека и ова е голема одговорност  која ќе ја  понесе  секој што нема да ги спроведе  програмираните  и конкретни  активности  и што нема да го даде својот придонес во нејзината реализација.

                    Довербата на граѓаните во владењето на правото и законите ќе се стекнува само низ конкретни резултати и конретни мерки.

                   Помина времето на лажни ветувања и колебливост , бидејќи сите видовме до каде тоа не доведе.

                   Министерството за правда како и досега, секако и во наредниот  период ќе биде во целосна функција за обезбедување на ефикасна борба против корупцијата. Будно ќе го следиме спроведувањето на законите и ќе преземаме навремени мерки за нивна надоградба, и ќе  ги анализираме ефектите  од нивното спроведување. Секогаш сме подготвени за соработка и помош во рамките  на нашите овластувања.

                   Очекувањата се големи.  Тие очекувања за ефикасна борба  против корупцијата во никој случај не смеат да бидат изневерени. Се надевам дека во наредниот период  ќе се постигнуваат многу поголеми  резултати и ќе се води   поефикасна борба против корупцијата. 

                   Ви посакувам  големи успеси  во имплементацијата  на државната програма  за превенција и репресија  на корупцијата.

 

 

        

         

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk