Семинар на тема „Унифицирањето на судската пракса во Македонија“  
     
 

07.03.2016

 
 

Министерот за правда Аднан Јашари и Амбасадорот на Велика Британија денеска учествуваа на вториот семинар на тема „Унифицирањето на судската пракса во Македонија“ организиран во рамките на потпишаниот меморандум меѓу Министерството за правда и Амбасадата на Британија во Република Македонија.

Министерот Јашари во текот на неговото обраќање меѓу другото истакна:
Тргнувајќи од основното прашање дали нашиот правен систем којшто го определуваме како континентален и постојната законска рамка дозволува користење на унифицирана судска пракса, пристапуваме кон развивање на дискусијата во однос на судската пракса.
Во таа насока, одредбите од Уставот на Република Македонија, правната рамка преку законите и ратификуваните меѓународни договори не претставуваат пречка, за спроведувањето на ова пракса рече тој.
Крајната цел која треба да се постигне истакна Јашари е правната сигурност на граѓаните и довербата во судскиот систем, а таа може да се оствари единствено со правната предвидливост преку унифицирана судска пракса која воедно би била заштитник на независноста на судството и судиите.

Министерот Јашари исто така истакна дека: За воедначување на судската пракса, треба да ја истакнеме значајната улога на Врховниот суд на Република Македонија како највисок суд во Република Македонија кој согласно Уставот го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите преку донесени и утврдени начелни ставови и начелни правни мислења по одделните правни прашања кои придонесуваат кон унапредувањето на судската практика и усогласеноста на примената на законите од страна на судовите.

Британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет посочи дека владеењето на правото е многу важно за демократскиот развој на кое било општество и на нивниот просперитет и развој.
- Владеењето на правото е камен темелник на една функционална демократија. Значи, судството кое што влева доверба кај луѓето е всушност ’рбетот на општеството во кое расте демократијата, рече амбасадорот Гарет.
Додаде дека во Македонија, како и во многу други земји, постои широка дебата за улогата на судството и за капацитетите на судството да ја врши својата работа во најдобар интерес на луѓето.
- Сите овие прашања во дебата и нивоата на дебатата варираат од земја во земја, но принципите врз кои дебатираме остануваат исти. Значи, зборуваме за еднаквост, за пристап до правдата, за почит на човековите права, истакна Гарет и додаде дека луѓето го гледаат судството како гаранција за демократијата и во него бараат сојузник.

Семинарот е во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи и Судскиот колеџ од Лондон, а со поддршка од Британската амбасада во Република Македонија.

Излагања поврзани со темата на семинарот имаа судиите од Судскиот колеџ од Лондон, Џоана Корнер и Марк Оклтон.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk