Маневски очекува Собранието денеска да го комплетира Судскиот совет  
     
 

04.10.2007

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски изјави дека очекува Собранието на Македонија денеска да ги избере предложените кандидати за докомплетирање на Судскиот совет.

Маневски по завршувањето на тркалезната маса за реформите во судството и усогласување на законодавството со стандардите на ЕУ, рече дека е крајно време да се изберат преостанатите пет члена на Судскиот совет за тоа тело да може да ја врши функцијата, да избира и разрешува судии и претседатели на судовите. 

- Веќе една и пол година не се врши избор на судии. Се разрешуваат тие што исполнуваат услови за пензија и некои поради некои дисциплински повреди. Меѓутоа, во судовите сега има околу 70 празни места на судии што треба да се пополнат. Има 30 судии кои треба да се изберат, а тоа се 18-19 судии во Управниот суд и 11 судии во Апелацискиот суд во Гостивар. Тоа се 100 судии, импозантна бројка што треба да биде ставена во функција на примена на законите заради ефикасноста во постапувањето на судовите, посочи Маневски.

За забелешките дека комплетирањето на Судскиот совет се прави без политички консензус, тој вели дека некои од потезите што ги презема опозицијата имаат тенденција да се одолговлекуваат работите, а консултациите и средбите траат долго и се без ефект.

- Ние сакаме поефикасно да ги решаваме овие проблеми. Ова ќе биде од исклучително значење и за извештајот на ЕУ за прогресот на Македонија, за добивањето датум за преговори и за членството во НАТО. Мислам дека е неопходно сите субјекти, сите лидери на партии, сите партии, сите партиципиенти во власта ова да го стават на преден план и да го решаваат, изјави Маневски. 

Тој негира дека тројцата кандидати што ги предлага Собранието се партиски кадри и тврди дека се стручни лица со искуство. За предлозите на претседателот Бранко Црвенковски рече дека тоа е право на шефот на државата што не сака да го коментира, но оти претставуваат одредено изненадување.

- Не знам дали има консензус, јас во тоа не учествувам. Мене ми е потребен Судски совет за да можам да ги доведам до крај судските реформи, да може да се врши избор на судии, да се конституираат Управниот суд, Апелацискиот суд во Гостивар, да можат да се избираат судиите и да можат да се разрешуваат оние судии коишто не ја вршат функцијата така како што треба, рече министерот за правда Михајло Маневски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk