Во Министерството за правда на одржа првата средба на членовите на Советот за реформа на правосудниот сектор  
     
 

28.07.2017

 
 

Министерот за правда ги запозна членовите на Советот со активностите на Владата на Република Македонија коишто се преземаат во правец на реализација на итните реформски приоритети.

Воедно, министерот ја истакна улогата на Советот за реформа како советодавно тело чија примарна задача е расправа за најзначајните одлуки за правните прашања од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор во процесот од работна верзија, нацрт до нејзино конечно усвојување, како и за законските решенија кои ќе произлегуваат од истата.

Министерот за правда ги предочи очекувањата на Министерството за правда и ја истакна можноста Советот самиот да иницира прашања, законски измени, како и да ги дефинира најдобрите пракси за надминување на сите отворени проблеми и дилеми во правосудниот сектор. Секоја тема за која се смета дека е битна за реформите во сферата на правосудството е потребно да се актуелизира и да се иницира расправа.

Мислењата и насоките на Советот за реформа ќе бидат презентирани на оперативните работни групи и на седниците на Владата на Република Македонија.

Министерот нагласи дека Советот ќе има клучна задача во следење на активностите кои ќе произлезат за реализација на Стратегијата и нејзиниот Акциски план за наредните 5 години.

По размена на мислењата на членовите на Советот и дискусијата за состојбите се разграничи надлежноста на Советот за реформа на правосудниот сектор од реализацијата на Планот за итните реформски приоритети и се утврди динамиката за работа на Советот, за што јавноста дополнително ќе биде известена.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk